Внимавајте во Грција – за кампување „на диво“ се оди и во затвор

Во Грција од јануари стапи во сила забрана за поставување шатори и паркирање приколки, полуприколки и кампери на археолошки локалитети, крајбрежни делови, плажи, на рабови на јавни шуми и генерално на јавни простори, а за прекршителите се предвидени од парични казни од 300 евра, до затвор до три месеци, пишува „Катимерини“.
За прекршувањето на законот предвидена е казна затвор до три месеци или парична казна од 300 евра по човек, по шатор или по превозно средство, кои ќе ги изрекува полицијата или крајбрежната служба.

– При контрола од страна на мешани тимови, казната ја изрекува полицаецот кој бил присутен за време на проверката. При паркирање на возилата онаму каде што е дозволено согласно Законот за безбедност во сообраќајот, не е дозволено да се зафаќа дополнителен простор за возилото, пишува во новиот пропис.

Забрането е и грчките граѓани на своите приватни имоти бесплатно да сместуваат повеќе од еден кампер.

Иако беше изгласан на крајот на јануари, законот стана актуелен изминативе денови, откако викендот на Пелопонез тројца кампери добиле казна од 300 евра за непрописно паркирање на бесплатен јавен општински паркинг, на кој, според медиумите, немало никаква ознака со која се забранува паркирање на кампери во оваа област.

За случајот реагираа од Грчкиот клуб на кампери, со оглед на тоа што казнетите се нивни членови, а Управниот одбор одлучил во соработка со правниот застапник да изготват писмо до надлежните министри за туризам и транспорт со барање за дополнително појаснување на спорниот член 27 од законот, а прашањето ќе го покренат и во Парламентот.

Зачлени се на нашиот е-билтен