„Велигденски понеделник, 6 часот наутро. Наместо да полеваме, одиме на унгарско-српската граница. Вчера се обидоа да го дигнат во воздух гасоводот од српска страна. Проверуваме дали сè е во ред од унгарска страна. Ќе известувам во живо за развојот на настаните“, рече Орбан во својата објава на Фејсбук со видео.
Велигденскиот понеделник, вториот ден од празникот што се слави според грегоријанскиот календар, е познат по обичајот на прскање вода.
Унгарскиот премиер свика итен состанок на Советот за одбрана на земјата во недела попладне, откако српските воени служби пронајдоа експлозивна направа и средства за нејзино активирање на критичната гасна инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија.
По седницата, Орбан објави дека воените сили што го штитат делот од гасоводот Турски тек што се наоѓа во Унгарија ќе бидат дополнително зајакнати.
Во видео објавено на неговиот Фејсбук профил вчера, Орбан му се заблагодари на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за неговиот „брз и ефикасен одговор“.
Унгарскиот премиер додаде дека во тој инцидент нема повредени и дека е спречен „акт на саботажа“.
Орбан додаде дека гасоводот работи нормално и без прекин.
Вучиќ претходно објави дека на територијата на општина Кањижа се пронајдени два големи пакети експлозиви со стапови и истакна дека вчера српските вооружени сили успеале да спречат акција против виталните интереси на земјата и дека Србија ќе се справи безмилосно со секој што мисли дека тоа ја загрозува нејзината витална инфраструктура.
Гасоводот „Турски тек“ годишно транспортира од 7,5 до осум милијарди кубни метри и е главна енергетска артерија на Унгарија.