Во фосили на диносаурусите откриени информации за лекување на ракот

Фосилите од диносаурус би можеле да понудат клучни сознанија за новите откритија за рак и идното лекување кај луѓето. Научните сознанија се објавени во списанието „Бајолоџи“ (Biology), а истражувачите од британскиот Универзитет Англија Раскин (АРУ) и Империјалниот колеџ во Лондон речиси 10 години се занимавале со ова истражување.

Научниците, имено, во фосил од диносаурус заболен со тумор, пронашле сочувани структури на црвени крвни зрнца. Наодите значат поголема можност – овие праисториски суштества да се искористат за проучувањето тумори. Идејата за проучувањето, според д-р Бјанкастела Сересер – специјалистка за рак, потекнала од професорот Џастин Стебинг – онколог во АРУ, по веста во 2016 година, за откриени траги од тумор кај диносаурус што живеел пред 66 – 70 милиони години, а угинал во подрачјето на Романија.

– Сакавме да видиме дали овој тумор кај диносаурусот може да ни даде какви било информации за каква било паралела со човечките видови рак… Бидејќи туморот најден кај овој диносаурус беше амелобластом, бениген тумор во вилицата, што го имаат и луѓето, појасни д-р Сересер.

Од 2017., тим составен од тие двајца научници и проф. Прамод Чандрасингe од Универзитетот на Келанија во Шри Ланка, работат на своето истражување.

– Контактиравме со градот во Романија, и оттаму со задоволство ни го позајмија фосилот… Потоа, го снимивме со многу софистициран микроскоп. Она што го видовме внатре – имаше некои структури, форми, коишто личеа на крвни клетки, рече Сересер.

Оваа техника за скенирање со електронска микроскопија (СЕМ) им овозможи на истражувачите да идентификуваат структури со мала густина што личат на еритроцити т.е. црвени крвни зрнца, во фосилизираната коска.

– До неодамна, пронаоѓањето прастари фосилни наоди беа навистина интересни – особено тврдите пронајдоци, како школки или скелети за да се проценат ткивата, вели Стебинг. – Но, ако се обидуваме да ги погледнеме градивните блокови на живото ткиво и градивните блокови на ракот – за подобро да го разбереме самиот рак, она што го откривме е дека, всушност, како и со набљудувањето на скелетот, можеме да го видиме и мекото ткиво. Тоа ни помага да ја разбереме улогата на животната средина за ракот.

На тој начин, може да се проучува самото „месо на ракот“, според научникот.

– Ова значи дека може да гледаме на ракот што се јавува – не само кај луѓе или животински единки, туку да го видиме и пред десетици милиони години, додаде д-р Стебинг.

Според кажувањата, исто така, филмот „Јура парк“ не може да биде реалност, бидејќи ДНК-та на диносаурусите не може да се клонира – бидејќи е разложена од временските услови и поминатото време оттогаш.

– Но, она што го откривме е дека, всушност, протеините во меките ткива можат да преживеат со текот на времето. Сè што се обидуваме да разбереме се молекуларните градивни делови на ракот од многу древна, прастара перспектива. Ако можеме подобро да го разбереме ракот, може да дојдеме до подобри третмани на лекување. Правам многу истражувања за ракот, така што, знаете, сѐ тоа доаѓа заедно, објасни докторот.

Тоа, се вели, е само дел од сложувалката на научни сознанија којашто допрва ќе се гради. 

Зачлени се на нашиот е-билтен