Во Германија убиена 16-годишна девојка од Украина – Ирачанец ја турнал под воз

Во германскиот град Фридланд се случи трагедија во која животот го загуби шеснаесетгодишната украинска девојка Лијана. Според извештајот на германскиот медиум „Штерн“, девојката на 11 август била турната под товарен воз, а веста вчера ја потврди „Кијив Индеx“.

Жртвата починала од повредите откако воз што се движел со брзина од околу 100 километри на час ја удрил. Истрагата покажала дека 31-годишен ирачки државјанин ја турнал на шините.

Полицијата првично не го уапсила осомничениот, дури и откако тој им го покажал телото на жртвата. Прелом во истрагата настапил по ДНК анализа која открила отпечатоци од негови прсти на рамото на девојката, што укажувало на насилно туркање пред смртта.

Германските власти соопштија дека осомничениот имал 1,35 промили алкохол во крвта во моментот на инцидентот и дека има историја на параноидна шизофренија. Тој е сместен во психијатриска установа и се товари за убиство од небрежност. Јавното обвинителство нагласува дека нема докази дека жртвата и осомничениот се познавале.

Истрагата открила и дека ирачкиот државјанин години наназад живеел во Германија иако му бил одбиен азил, а имал и налог за депортација.

Лијана побегнала од Мариупол во 2022 година заедно со своите родители и двата помали браќа. Во Германија следела обука за стоматолошка асистентка. По нејзината трагична смрт, локалната заедница организираше собирање средства за покривање на трошоците за погреб.

Според податоци од јуни 2025 година, Германија дава засолниште за 1,2 милиони украински бегалци, што е најголем број во која било земја на Европската Унија

Зачлени се на нашиот е-билтен