Во Либија убиен лидер на милитантна група и познат трговец со мигранти под санкции на ОН

Либијските безбедносни служби денеска го ликвидираа Ахмед Умар ал-Фитури ал-Дабаши, познат како Аму, водач на милитантната група „Бригади на мачениците на Анас ал-Дабаши“ и еден од најпознатите трговци со мигранти во земјата, кој со години беше под санкции на Обединетите нации.

Според соопштението на Агенцијата за сузбивање безбедносни закани, ал-Дабаши бил убиен во градот Сабрата на западот од Либија, откако безбедносните сили упаднале во неговото скривалиште како одговор на претходен напад на неговата група, во кој шест војници биле тешко ранети.

Во истата акција бил уапсен и неговиот брат, Салех ал-Дабаши, кој исто така се води како осомничен за трговија со мигранти.

Ахмед ал-Дабаши беше под санкции не само на Советот за безбедност на ОН, туку и на Министерството за финансии на САД поради неговата улога во експлоатацијата на мигрантите што преку Либија се обидуваат да стигнат до Европа.

Според ОН, ал-Дабаши и неговата мрежа во 2018 година ги изложувале мигрантите, меѓу кои и деца, на „смртоносни околности“ и директно ја загрозувале стабилноста во Либија и поширокиот регион.

По падот и убиството на Муамер Гадафи во 2011 година, Либија остана длабоко поделена меѓу ривалски влади, вооружени групи и фракции поддржани од странски сили. Земјата, без функционален централен авторитет, се претвори во главно транзитно подрачје за мигранти од Африка и Блискиот Исток кои бегаат од војна и сиромаштија.

Сабрата, каде што беше ликвидиран ал-Дабаши, е еден од најголемите центри за илегални мигрантски рути кон Медитеранот, а неговата група со години се поврзува со криумчарење, злоупотреби и насилства врз мигрантите.

Со денешната акција, либијските власти тврдат дека зададоа сериозен удар врз еден од највлијателните играчи во мрежата на трговија со луѓе во земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен