Над 400 лица се уапсени, а околу 300 се повредени поради насилство што избувна во вторникот вечерта на протести во неколку марокански градови, каде граѓаните бараат реформи во секторот здравство и образование, соопшти денеска мароканското Министерство за внатрешни работи.
Непријавените протести, кои се одржаа четврти ден по ред по повик на групата GenZ 212 – која неодамна се појави на платформата Discord, а иницијаторите се непознати – резултираа со судири со полицијата во градови како Ужда (исток) и Инзеган, предградие на Агадир (југ).
Министерството за внатрешни работи соопшти дека за време на насилството, демонстрантите користеле ножеви, Молотови коктели и камења, при што биле повредени 263 полицајци и 23 демонстранти.
Портпаролот на мароканското МВР додаде дека 409 лица се приведени, а при немирите биле запалени над 140 полициски возила и 20 приватни автомобили.
Според полицијата, демонстрантите исто така упаднале во владините канцеларии, филијали на банки и претпријатија, кои ги ограбиле.
Во напната атмосфера, демонстрантите и полицијата се судирале со часови на авенијата во Инзеган, според снимките на AFP.
Мароко се соочува со сериозна социјална нееднаквост, со големи регионални разлики и јаз помеѓу јавниот и приватниот сектор.