Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Никозија средба на лидерите на кипарските Турци и Грци

 Новоизбраниот претседател на Кипар и лидер на тамошната грчка заедница Никос Христодулидес и лидерот на турската заедница Ерсин Татар денеска имаа средба во тампон зоната под контрола на Обединетите нации во главниот град на таа земја, Никозија.

Тие се сретнаа за првпат откако се избрани на своите функции.

Мисијата на Обединетите нации во Никозија соопшти дека Христодулидес и Татар разговарале за неколку прашања, вклучувајќи ги неодамнешните разорни земјотреси во Турција и Сирија во кои загинаа илјадници луѓе, вклучително и кипарски Турци, и изразија сочувство до жртвите и нивните семејства.

На средбата се разговарало и за можното решение на кипарскиот проблем.

– Сегашната состојба не може да биде решение за кипарскиот проблем, ниту за кипарските Грци, ниту за кипарските Турци, рече Христодулидес по двочасовната средба со Татар.

Лидерот на кипарските Грци го поддржува предлогот на ОН за преговори, според кој Кипар би бил лабава федерација, додека Татар смета дека единствено решение е формирање две посебни држави и дека секоја од нив има еднакви суверени права.

Кипар се стекна со независност од Обединетото Кралство во 1960 година и беше поделен по турската инвазија во 1974 година, со кипарски Грци кои живеат на југот на земјата и кипарски Турци на мешународно непризнатиот, отцепен север. 

Последната рунда мировни преговори пропадна во 2017 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен