Во преговорите за Украина се разгледува идејата за формирање демилитаризирана зона

Украина

Најновата рунда разговори за завршување на војната во Украина заврши во средата без никакви знаци за значителен напредок.

Но, зад сцената, преговарачите се обидуваат да најдат компромис околу една од најголемите пречки за мировен договор: контролата на територијата во источна Украина, објавува „Њујорк тајмс“.

Русија побара Украина да го предаде земјиштето што го контролира во регионот Донецк како услов за завршување на војната. Станува збор за појас територија долг околу 80 километри и широк околу 65 километри, кој вклучува десетици градови и села и се наоѓа помеѓу линијата на фронтот и административната граница на регионот.

Украина одби еднострано да се повлече, велејќи дека откажувањето од земјиште би ја охрабрило Русија повторно да нападне – во Украина или на друго место. Киев побара безбедносни гаранции што би ја одвратиле Москва од кршење на какво било примирје.

За време на разговорите во последните недели, официјалните лица ја разгледаа идејата за создавање демилитаризирана зона што ниедна армија нема да ја контролира, според три лица запознаени со разговорите, кои зборуваа под услов на анонимност поради чувствителноста на преговорите.

Со ова се оживува предлог кој беше вклучен во претходните мировни планови, вклучувајќи го и планот од 28 точки што администрацијата на Трамп го претстави во ноември.

Во текот на изминатата недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано ја отфрлаше можноста за предавање на територијата заради мир. „Да му дозволиш на агресор да земе нешто е голема грешка“, напиша тој на социјалните медиуми во понеделник.

Минатата есен, рускиот претседател Владимир Путин беше нејасен кога беше прашан за создавање демилитаризирана зона во Донбас. Планот од 28 точки би ѝ дал на Русија контрола врз областа, но би ѝ забранил да распоредува воени сили. Путин рече дека деталите мора да се дискутираат.

Подоцна, неговиот советник за надворешна политика, Јуриј Ушаков, беше попозитивен, велејќи дека Русија би можела да прифати формирање на таква зона ако руската полиција или Националната гарда имаат право да ја патролираат.

Демилитаризираната зона би можела да стане дел од одржливо решение, рече Вилијам Б. Тејлор, соработник во Атлантскиот совет и поранешен амбасадор на САД во Киев. Но, додаде тој, интересите на Украина ќе мора да бидат заштитени, што би барало дополнителен притисок од администрацијата на Трамп врз Русија.

„Важно е тоа да биде вистинско решение, а не наметнато, а не неурамнотежено“, рече Тејлор, додавајќи: „Секое наметнато решение нема да биде стабилно. Нема да трае“.

За да им се олесни на двете страни да ја прифатат идејата, преговарачите размислувале и за формирање зона на слободна трговија во можна демилитаризирана зона, иако можностите за инвестирање се ограничени на територијата што би била стегната меѓу двете армии, дури и со прекин на огнот. Голем дел од индустрискиот капацитет е уништен, само еден рудник за јаглен сè уште работи, а ризикот од обновен конфликт може да трае со години.

Зеленски, исто така, изрази сомнежи за таков договор.

Друго прашање е повлекувањето на трупите од фронтовската линија. Во декември, Зеленски им стави до знаење на сите дека Украина нема да ги повлече своите сили освен ако Русија не се повлече на еднакво растојание.

На разговорите одржани овој месец во Абу Даби, Украинците разгледаа опции за делумно руско повлекување кое не би било нужно симетрично, рекоа два од трите извори. Ова би укажало на омекнување на украинската позиција.

Управувањето со демилитаризираната зона беше исто така камен на сопнување. Украина се залага за распоредување на меѓународни мировници во регионот, во кој живеат околу 190.000 цивили, вклучувајќи 12.000 деца, според украинскиот гувернер на областа.

Преговарачите разгледуваа формирање цивилна администрација за управување со зоната по војната, рекоа два од изворите. Ова би можело да вклучува руски и украински претставници, но страните сè уште се далеку од договор.

Друго прашање што повторно се појави е редоследот на чекорите: прифаќање на демилитаризирана зона, формализирање на безбедносните гаранции, создавање рамка за финансирање на повоената обнова и одржување избори во Украина.

Минатата недела, Зеленски рече дека Украина сака договор за безбедносните гаранции пред да се обврзе на избори или какво било повлекување од Донбас.

„Многу би сакал прво да потпишеме безбедносни гаранции, а потоа и други документи. Според мене, тоа би бил добар сигнал. Ова не е ниту прашање на праведност, туку прашање на доверба. Повеќе доверба во партнерите – ако гаранциите се на прво место, потоа сè друго“, рече тој.

Зеленски рече дека Украинците мора „да знаат – не само да веруваат, туку да знаат – дека во иднина руската агресија ќе биде невозможна или дека ако се случи, нема да бидеме сами“.

Зачлени се на нашиот е-билтен