Украина синоќа изведе серија дронски напади врз повеќе нафтени постројки во Русија, вклучително и врз најголемата рафинерија на рускиот енергетски гигант „Роснефт“ во Рјазањ, потврди украинскиот командант на дронските сили Роберт „Маѓар“ Бровди, пренесува The Kyiv Independent.
„Бензинот во Русија го снемува, а нафтата и гасот исчезнуваат уште побрзо“, напиша Бровди на социјалните мрежи.
Голем пожар во близина на Москва
Нападот предизвикал пожар во огромната рафинерија во Рјазањ, лоцирана само 180 километри југоисточно од Москва. Жители на градот пријавиле силни експлозии околу 2 часот по полноќ, по што се појавил густ црн чад. Видеоснимки на социјалните мрежи прикажуваат оган и чад како се издигаат над индустриската зона на градот.
Рафинеријата, со капацитет од речиси 14 милиони тони годишно, веќе еднаш беше цел на украински дронови на 2 август, кога беа принудно запрени две од трите главни производствени линии.
Регионалниот гувернер Павел Малков соопшти дека биле соборени осум дронови, чии остатоци паднале во индустриска зона. Тој тврди дека нема жртви и нема оштетувања на станбени објекти, но не даде директен коментар за пожарот во рафинеријата.
Напад и врз складиште во Луханск
Покрај тоа, украински дронови наводно го погодиле и едно складиште за нафта во окупираната област Луханск, објави Бровди. Деталите за обемот на штетата засега не се познати, но локалните жители пријавиле појава на густ црн чад.
Руското министерство за одбрана тврди дека во текот на ноќта биле соборени вкупно 92 украински дронови.
💥 Drones hit a refinery in Russia’s Ryazan, setting it ablaze. Ukraine confirms strikes on both the Ryazan refinery & an oil depot in occupied Luhansk. #MakeRussiaPay pic.twitter.com/PaSlQskXGq
— Iuliia Mendel (@IuliiaMendel) September 5, 2025
Цел: рускиот енергетски сектор
Киев ја интензивира стратегијата на напади врз руските нафтени капацитети со цел да ги намали приходите со кои Москва го финансира воениот напад врз Украина. Само во август, Украина погодила најмалку 12 рафинерии, со што над 17% од вкупниот руски капацитет за преработка на нафта е изваден од функција.
Во контекст на зголемените притисоци, рускиот претседател Владимир Путин неодамна призна дека земјата се соочува со недостиг на гориво. Како привремено решение, тој предложи зголемена употреба на резервите на јаглен, кои, според него, ќе траат „речиси илјада години“, пренесува The Moscow Times.