Водач на неонацистичка секта екстрадиран во САД, обвинет за серија убиства

Водач на неонацистичка секта со седиште надвор од САД е екстрадиран на американските власти и обвинет за серија убиства низ светот, вклучително и за пукањето во средното училиште „Антиох“ во Нешвил, кое се случи претходно оваа година, при што загина еден ученик, а друг беше ранет, соопшти американското Министерство за правда (DOJ).

Михаил Чиквишвили (21), државјанин на Грузија, беше уапсен минатата година во Молдавија и во петокот беше изведен пред федералниот суд во Бруклин. Неговиот адвокат изјави дека тој се изјаснил за невин, а судијата наредил да остане во притвор, објави ABC News.

Минатата година Чиквишвили беше обвинет за повеќе федерални кривични дела, меѓу кои и две точки за поттикнување злосторства од омраза и други насилни напади. Според Министерството за правда, тој бил еден од водачите на екстремистичката група „Култ на убиства од манијаци“, позната и под кратенката „MKY“, која делува во Русија и Украина и промовира насилство врз расни малцинства, еврејската заедница и други групи што ги етикетира како „непожелни“.

Министерството наведува дека Чиквишвили – познат и по прекарот „Командант Џелат“ – е автор на т.н. „Прирачник за омраза“, во кој ги поттикнувал своите следбеници на масакри во училишта и други форми на масовно насилство, давајќи детални упатства и стратегии за извршување на напади.

Планирани напади врз еврејската заедница

Се тврди и дека тој планирал и се обидел да организира масовен терористички напад врз Евреи и други малцинства во Њујорк на новогодишната ноќ. Лицето што се обидел да го регрутира, всушност, било таен агент на ФБИ.

Од апсењето во јули минатата година, Чиквишвили се наоѓал во притвор во Молдавија. По неговата екстрадиција, беше изведен пред американски суд, каде обвинителите побараа да остане во притвор до почетокот на судењето.

Министерството за правда посочи и на случајот од јануари 2025 година, кога 17-годишен ученик уби едно лице и рани друго, пред да си го одземе животот во средното училиште „Антиох“ во Нешвил. Нападот делумно беше пренесуван во живо. Претходно, напаѓачот објавил аудио-снимка на интернет во која тврдел дека дејствува во име на MKY и друга група. Во неговите записи се споменува Чиквишвили, како и бројни референци за основачот на MKY, Јегор Краснов, вклучувајќи и изјава дека ќе го напише неговото име на оружјето.

Поврзан со убиства низ светот

Министерството, исто така, го поврзува Чиквишвили со напад со нож во Турција во август 2024 година и со убиство на постара жена во Романија во април 2022 година.

„Обвинетиот постојано покажуваше способност да планира и поттикнува смртоносни напади од својот дом, преку интернет“, се наведува во соопштението на Министерството за правда. „Тој отворено призна дека учествувал во насилството и има намера да продолжи. Судот треба сериозно да го сфати овој случај и да го задржи во притвор со цел заштита на јавноста.“

Американската државна обвинителка Пам Бонди во петокот изјави дека случајот е „болен потсетник на типот тероризам со кој се соочуваме денес – мрежи што преку интернет планираат незамисливи злосторства против деца, семејства и еврејската заедница, во име на искривена, екстремистичка идеологија“.

Зачлени се на нашиот е-билтен