Војната на Блискиот Исток влезе во својот 14-ти ден. Во своето прво обраќање, новиот врховен лидер на Иран повика на крвопролевање и се закани со одмазда. Трамп повторно го објави неизбежниот крај на војната, но додаде дека САД „мора да ја завршат работата“. Оштетена зграда во Дубаи по пресретнување на ракета. Сирени во базата на НАТО Инџирлик во близина на Адана. Израел погодува стотици цели во Иран, пријавени се експлозии во Техеран. Авион на американските воздухопловни сили се урна над Ирак.
Авион на американските воздухопловни сили се урна над Ирак
Авион за полнење гориво KC-135 Stratotanker на американските воздухопловни сили се урна во западен Ирак, соопшти американската војска, додавајќи дека инцидентот „не е резултат на непријателски или пријателски оган“, туку дека бил вклучен друг американски танкер.
Најмалку пет члена на екипажот биле во авионот што се урна, изјави американски функционер за CNN. Во соопштението на Централната команда на САД се наведува дека се во тек спасувачки операции, но не е прецизирано дали некој од членовите на американските сили е повреден или убиен.
Две лица загинаа во Оман по соборување беспилотни летала
Две лица загинаа денес во Оман откако беа соборени беспилотни летала во покраината Сохар, јавуваат локалните медиуми.
Како што е наведено, дронот паднал во индустриската зона Ал-Авахи, а двајца странски работници биле убиени во нападот, во кој имало и повредени, јавува државната новинска агенција ОНА.
Друг дрон бил соборен во покраината Сохар, на отворено подрачје, и немало жртви во тој инцидент, според агенцијата.
Медиуми: Беспилотно летало соборено во близина на дипломатскиот кварт во Ријад
Министерството за одбрана на Саудиска Арабија соопшти дека беспилотно летало е соборено додека се обидувало да се приближи до дипломатскиот кварт во Ријад.
Портпаролот на тоа министерство претходно изјави дека противвоздушната одбрана соборила уште осум беспилотни летала, објави Ал Џезира.
Беспилотните летала беа соборени во централните и источните региони на Саудиска Арабија.
Трамп: Верувам дека Моџтаба е жив
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека верува оти новоназначениот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е сè уште жив „во некоја форма“, иако не се појавил во јавноста од почетокот на војната во Иран.
„Мислам дека веројатно е. Мислам дека е повреден, но мислам дека веројатно е жив во некоја форма“, изјави Трамп за Фокс њуз.
Оштетена зграда во Дубаи по пресретнување на ракета
Зграда во центарот на Дубаи е оштетена откако била погодена од фрагменти од ракета како резултат на „успешно пресретнување“, соопшти Канцеларијата за медиуми во Дубаи.
Во објава на социјалните мрежи беше наведено дека инцидентот бил помал и дека нема повредени, објави Скај њуз.
„Властите потврдуваат дека остатоците од успешното пресретнување предизвикале помал инцидент на фасадата на зграда во центарот на Дубаи. Нема повредени“, се вели во соопштението.
Анадолија: Сирени во базата на НАТО Инџирлик во близина на Адана
Сирените се огласија рано утрово во турската воздухопловна база Инџирлик, во близина на југоисточниот град Адана, објави Анадолија.
Според извештајот, сирените во базата, која е клучен објект на НАТО каде што се стационирани американски војници, се огласиле утрово околу 3:25 часот, а предупредувачкиот сигнал траел приближно пет минути.
Немаше официјални коментари за инцидентот.
Израел погоди стотици цели во Иран, пријавени се експлозии во Техеран
Израелски воени авиони погодија повеќе од 200 цели низ западен и централен Иран во текот на изминатиот ден, соопшти израелската војска во петокот.
Целите на нападите, соопшти војската, биле ирански лансери за балистички ракети, одбранбени системи и места за производство на оружје.
Во петок наутро, силни експлозии беа пријавени во неколку области на Техеран, Исфахан и други градови, според иранските државни медиуми.
Во некои делови од главниот град, жителите рекоа дека нивните куќи се треселе поради интензитетот на експлозиите, објави новинската агенција Фарс.
Трамп: Танкерите за нафта треба да „покажат малку храброст“
Претседателот Доналд Трамп во четврток предложи екипажите на танкерите за нафта да „покажат малку храброст“ додека Иран напаѓа танкери што се обидуваат да го преминат клучниот Ормутски теснец и цените на нафтата растат.
Претседателот, кога беше прашан за опасностите со кои се соочуваат танкерите во интервју со Брајан Килмид од „Фокс њуз“, рече дека тие треба „да поминат низ Ормутскиот теснец и да покажат малку храброст“.
Трамп во едно интервју рече: „Нема од што да се плашиме. Тие немаат морнарица, а ние ги потопивме сите нивни бродови“.
Раководителите на бродоградбената индустрија редовно поднесуваа барања до американската морнарица за воена придружба, но сите барања беа одбиени бидејќи Пентагон во моментов ги смета за премногу опасни за спроведување, објави Си-Ен-Ен.