Volvo групацијата планира да отпушти дури 800 работници во три американските погони во наредните три месеци, како резултат на неизвесноста на пазарот и намалената побарувачка, што е последица на царините кои ги наметна претседателот на САД, Доналд Трамп.
Volvo Group North America во соопштението објави дека им соопштила на вработените дека планира да отпушти помеѓу 550 и 800 лица.
Компанијата, која е дел од шведската компанија AB Volvo, има околу 20.000 вработени во Северна Америка.
Трамп ја промени глобалната трговска структура која постоеше повеќе од 75 години со својата царинска политика на производи од целиот свет. Неговата нестабилна трговска политика го поткопа доверието на потрошувачите и бизнисмените и доведе до зголемување на прогнозите за рецесијата во САД, како што јавува Ројтерс.
Отпуштањата во Volvo се најновиот одговор на автомобилската и камионската индустрија која се соочува со тешко време поради царините, кои се очекува да ги зголемат трошоците за производство на возила.
„Нарачките за тешките камиони сè уште се под негативно влијание на неизвесноста на пазарот во поглед на побарувачката, можните регулаторни промени и влијанието на тарифите. Жалиме што моравме да преземеме оваа акција, но мораме да го усогласиме производството со намалената побарувачка за нашите возила“, изјави портпаролот на Volvo групата за Северна Америка.