Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет повторно е во центарот на контроверзии, откако извори за ABC News открија дека тој преку втора групна комуникација на апликацијата Signal споделувал чувствителни детали за планирани воени напади врз Хутите во Јемен – со својата сопруга, брат и личен адвокат.
Според двајца официјални претставници запознаени со содржината на пораките, групата на Signal била креирана од Хегсет за време на неговата потврда за функцијата, а во неа покрај него учествувале неговата сопруга Џенифер Хегсет (која не работи во Министерството за одбрана), брат му Фил Хегсет (советник во Министерството за внатрешна безбедност, распореден во Пентагон) и неговиот адвокат Тим Парталоре (морнарички резервист кој работи во неговата канцеларија).
Во пораките биле споделени, меѓу другото, временски распореди на летовите на борбени авиони F/A-18 Hornet, планирани да учествуваат во воздушните напади на позициите на Хутите. Прв за ова објави The New York Times.
Наводно, споделувањето на овие информации се случило во средината на март – во ист период кога дел од најблиските советници на претседателот Доналд Трамп, вклучително и Хегсет, ненамерно му пренеле слични информации на главниот уредник на списанието The Atlantic.
Во изјава од портпарол на Хегсет се вели:
„Уште еден ден, уште една стара приказна што се враќа од мртвите. Се повикуваат само на луѓе кои беа отпуштени оваа недела и очигледно имаат мотив да му наштетат на секретарот и на агендата на претседателот.“
Пентагонот засега нема официјален коментар, но известувањата покажуваат дека независниот инспектор на Пентагон започнал истрага за користењето на апликацијата Signal од страна на Хегсет. Според писмо испратено од вршителот на должноста главен инспектор, Стивен Стабинс, истрагата треба да утврди дали секретарот и другите вработени постапиле согласно политиките и протоколите на Министерството за одбрана.
Иако администрацијата на Трамп негира дека преку овие канали е споделена класифицирана информација, поранешни американски функционери предупредуваат дека ваквото однесување, дури и без официјално класифициран статус, би можело да ги загрози американските војници во странство.
Истовремено, се води паралелна истрага за потенцијални протекувања на информации преку првата Signal група, во која учествувале врвни соработници на Хегсет. Тројца од нив – Дан Колдуел, Колин Керол и Дарин Селник – веќе се отпуштени, и во заедничко соопштение тврдат дека не се известени ниту за што биле истражувани, ниту дали има активна истрага.
Бившиот портпарол на Пентагон, Џон Улиот, во авторски текст за Politico ја опиша ситуацијата како „месец на хаос“ во Пентагон, посочувајќи дека масовните отпуштања и „истекувањето чувствителни планови“ се сериозна пречка за администрацијата. Според него, ситуацијата ги оставила Хегсет и неговиот заменик без шефови на кабинет, а администрацијата без стабилно водство.
„Дури и најлојалните поддржувачи на Хегсет мораат да признаат – изминатиот месец беше тотален колапс,“ пишува Улиот, додавајќи дека „тешко е да се замисли Хегсет уште долго да остане на функцијата секретар за одбрана.“