За една ноќ му се стопија милијардите – Тесла повеќе не е највредниот имот на Маск

Производителот на електрични возила со години беше клучен дел од богатството на Илон Маск. Но, повеќе не е, бидејќи акциите на Тесла нагло паѓаат.

Маск вложи над 200 милиони долари во кампањата за реизбор на Доналд Трамп. По победата на Трамп, Маск не само што ги поврати тие пари, туку и значително го зголеми своето богатство.

Во декември, неговото нето богатство првпат во историјата надмина 400 милијарди долари, а вредноста на неговите компании вртоглаво растеше. Инвеститорите го проценија xAI на 50 милијарди долари, SpaceX на 350 милијарди, а пазарната вредност на Тесла достигна рекордни 1,5 трилиони долари.

Ситуацијата почна да се менува во јануари, кога Тесла пријави послаб број испорачани возила од очекуваното. Но, вистинскиот пад започна на 21 јануари, еден ден по инаугурацијата на Трамп, кога Маск ја презеде функцијата во новоформираното Одделение за ефикасност на владата (DOGE). Инвеститорите се загрижија дали ќе може истовремено да ја води Тесла и да се посвети на владините реформи, што доведе до 50% пад на акциите.

Аналитичарите предупредија дека Маск нема баланс во обврските. Тесла објави разочарувачки финансиски резултати – приходите во 2024. пораснаа за само 1%, а добивката падна на 8,4 милијарди долари. Продажбата се намали во Германија, Кина и Австралија, а во САД избувнаа протести против компанијата.

Со падот на Тесла, SpaceX стана највредниот имот на Маск – првпат по 2019 година. Неговиот удел во компанијата сега вреди 147 милијарди долари. SpaceX бележи 51% раст на приходите, а Starlink ги удвои своите приходи на 8,2 милијарди долари.

Иако Tesla и SpaceX сочинуваат 80% од неговото богатство (329 милијарди долари), Маск има удел и во xAI, X Corp (поранешен Twitter), Boring Company и Neuralink, што додава уште 45 милијарди долари на неговото богатство.

Маск призна дека има „големи тешкотии“ во балансирањето на обврските, но уверува дека Тесла на долг рок ќе биде во добра позиција. И покрај падот, акциите на Тесла сè уште се за 46% повисоки во однос на претходната година, а Маск останува најбогатиот човек во светот, пишува Forbes.

Зачлени се на нашиот е-билтен