За хаваријата во Пинтија вчера постапува Инспекторатот, вели Меџити

Веќе постапува Инспекторатот за животна средина кој е надлежен за терен и спроведување казни, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити во врска со хаваријата во населбата Пинтија во Кисела Вода каде што вчера од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор се излеале хемикалии користени во производствениот процес.

На новинарско прашање што е преземено во врска со работењето на фирмата, Меџити денеска упати на информации кај раководителот на Инспекторатот кој сега функционира во рамки на Министерството.

Град Скопје вчера информираше дека на месотото на хаваријата биле пратени екипи на ТППЕ Скопје за изолирање на инцидентот, а инспекторите од Град Скопје изготвиле записник за хаваријата.

Како што информираше Град Скопје, за ваков тип хаварија покрај паричната казна за сторителот од 45. 000 евра, следува и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот.

Град Скопје апелираше Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Општина Кисела Вода, под чија надлежност е објектот, да постапат согласно надлежностите.

-Со инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице „Екопор“ не презело мерки да го спречи настанувањето на хаваријата на која сме сведоци денес. За овој објект, кој е под надлежност на Општина Кисела Вода, апелираме до Општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата, наведе Град Скопје во соопштение.

Зачлени се на нашиот е-билтен