Започнува Самитот на Шангајската организација, другата страна на биполарниот свет

EPA/SUO TAKEKUMA / POOL
EPA/SUO TAKEKUMA / POOL

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска е домаќин на Самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во пристанишниот мегаполис Тиенџин, кој се смета за најзначаен од нејзиното формирање во 2001 година. На состанокот учествуваат лидерите на Русија, Индија, Турција и Иран, како и низа евроазиски претставници.

Ова е прв самит по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

На форумот учествуваат околу 20 држави, меѓу нив рускиот претседател Владимир Путин, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, белорускиот претседател Александар Лукашенко, индискиот премиер Нарендра Моди и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.

Кинескиот претседател денеска ја повика Шангајската организација за соработка да ја брани чесноста и праведноста во своето обраќање на 25-от состанок на Советот на шефови на држави на ШОС, пренесе Синхуа.

– Мораме да промовираме правилна историска перспектива за Втората светска војна и да се спротивставиме на менталитетот од Студената војна, конфронтацијата меѓу блоковите и практиките на малтретирање, изјави Си.

Тој, исто така, повика на зачувување на меѓународниот систем со ООН во центарот и поддршка на мултилатералниот трговски систем со Светската трговска организација во нејзиниот центар. Според него, Кина оваа година ќе обезбеди грантови во износ од 2 милијарди јуани (околу 281 милион американски долари) за земјите-членки на ШОС, како и 10 милијарди јуани во форма на заеми за банките од Меѓубанкарскиот конзорциум на ШОС во следните три години. – Мораме подобро да ги усогласиме нашите стратегии за развој и да го промовираме висококвалитетното спроведување на иницијативата ‘Еден појас, еден пат’, изјави Си.

Тој синоќа приреди прием во чест на гостите. – Факторите на нестабилност, несигурност и непредвидливост значително се зголемија, истакна Си, додавајќи дека светот влегува во „фаза на забрзани промени“.

Тој потенцираше дека ШОС има уште поголема одговорност да го зачува регионалниот мир и стабилност и да го поттикнува развојот и просперитетот на сите земји.

Земјите членки на ШОС претставуваат речиси половина од светското население и 23,5% од глобалниот БДП, а организацијата често се претставува како противтежа на НАТО.

Самитот е дел од серија манифестации со кои Кина има намера да ја демонстрира својата дипломатска моќ и воена сила, прикажувајќи се како точка на стабилност во поделмиот свет.

Во рамки на програмата, Путин и други учесници в среда ќе присуствуваат на голема воена парада во Пекинг по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна. На настанот ќе учествува и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, во едно од неговите ретки патувања надвор од земјата.

Северна Кореја стана еден од главните сојузници на Русија во војната против Украина, додека западните сојузници на Киев се сомневаат дека и Пекинг ја поддржува Москва. Кина тврди дека останува неутрална и ги обвинува западните држави дека ја продолжуваат војната со испораката на оружје за Украина. 

Зачлени се на нашиот е-билтен