Ќе поскапат ли европските житарки?

Иако Европската унија од 6 јуни повторно ќе воведе царини и увозни квоти за повеќе земјоделски производи од Украина, аналитичарите сметаат дека тоа нема да предизвика пораст на цените на европските житарки. Новите мерки, кои се воведуваат по завршувањето на двегодишниот режим на бесцаринска трговија, се одговор на притисокот од земјите членки од Централна и Источна Европа – како Полска, Унгарија и Словачка – кои се пожалија на ниските цени на украинските производи и загрозувањето на домашното производство.

Од Брисел појаснуваат дека станува збор за привремени мерки, кои ќе важат до крајот на 2025 година, а преговорите за долгорочна трговска рамка со Украина продолжуваат. Според украинските извори, уште во јули може да биде појасно какви ќе бидат условите за извозот на нивните производи кон ЕУ во иднина – прашање што зависи и од развојот на војната со Русија.

Минатата година Украина извезла стока во ЕУ во вредност од 41,6 милијарди долари, што претставува раст од 15% споредено со 2023 година. Со оглед дека индустриите за хемикалии и челик се речиси уништени поради војната, земјоделството сега учествува со 17% во БДП на земјата, посочи украинскиот министер за земјоделство Витали Ковал. Тој предупреди дека враќањето на царинските квоти ќе и нанесе загуба на Украина меѓу 2,8 и 3,5 милијарди евра оваа година.

Сепак, агроаналитичарите нагласуваат дека иако овие мерки ќе го ограничат увозот на житарки, шеќер и други производи од Украина, тоа не значи автоматски зголемување на цените на европскиот пазар. Економистот Петар Јовичиќ од порталот „Агроинфонет“ вели дека земјоделците од ЕУ ги поздравуваат новите мерки, бидејќи евтините украински житарки минатата година беа причина за масовни протести. Тој додава дека воведувањето построги здравствени стандарди и забрана за употреба на одредени хемикалии (веќе забранети во ЕУ) ќе ги зголемат трошоците за производство на украинските производи, што ќе ги направи помалку конкурентни.

И покрај тоа, добрите прогнози за приносот на пченица ова лето – во просек шест тони по хектар – не даваат многу надеж за повисоки откупни цени на европските производители. Трговските турбуленции остануваат, но ценовниот пораст засега не е извесен.

Зачлени се на нашиот е-билтен