Затворски казни за 40 лица во Тунис, претежно опозициски политичари

Фото: Cernavoda/Flickr

Тунискиот суд изрече затворски казни од 13 до 66 години за четириесет лица, главно опозициски политичари, по обвиненија за заговор против државната безбедност – потврдија денеска нивните адвокати. Судскиот процес, кој трае повеќе од две години, е придружен со реакции и протести од опозицијата и организациите за човекови права.

Иако дел од осудените се сè уште на слобода, процесот продолжува да предизвикува критики заради својата политичка позадина. Меѓу обвиненијата се и: приклучување кон терористичка група, поттикнување насилство, обид за промена на уставниот поредок, како и предизвикување хаос и насилство меѓу граѓаните.

Судот донесе пресуди по само три рочишта, додека одбраната и критичарите на власта тврдат дека процесот е злоупотребен за политички цели.

Туниската политичка сцена е во криза од 2021 година, кога претседателот Каис Саид ја презеде извршната власт со распуштање на парламентот и разрешување на премиерот – чекори што опозицијата ги оцени како „државен удар“.

Со уставен референдум тој ги прошири своите овластувања, а минатата година доби и втор мандат.

Зачлени се на нашиот е-билтен