Најновата рунда разговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американските изасланици, во кои учествуваат и претставници на европски земји, заврши денеска во Берлин, но по околу 90-минутниот состанок не беа дадени јавни изјави.
Како што пренесува агенцијата Бета, на средбата учествувале блиски соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, неговиот специјален претставник Стив Виткоф и зетот Џаред Кушнер. Разговорите следуваат по вчерашната рунда, која траела околу пет часа.
Киев, САД и нивните европски сојузници бараат решение за ставање крај на речиси четиригодишната руска војна против Украина, во услови на засилен притисок од Вашингтон Киев побрзо да прифати мировен договор, чиј нацрт го изработиле Соединетите Американски Држави. По вчерашниот состанок, американската влада на социјалните мрежи соопшти дека е постигнат „голем напредок“.
Една од најголемите пречки во потрагата по компромисно решение останува прашањето за контролата над источната украинска област Доњецк, чиј поголем дел се наоѓа под контрола на руските сили.
Во пресрет на вчерашните разговори, Зеленски го промени својот став и изрази подготвеност Украина да се откаже од стремежот за членство во НАТО, доколку САД и другите западни земји обезбедат безбедносни гаранции за Киев, слични на оние што ги имаат земјите членки на Алијансата. Сепак, Украина продолжува да го отфрла американскиот притисок за отстапување дел од својата територија на Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин бара Украина да ги повлече своите сили од деловите на Доњецката област кои сè уште се под нејзина контрола и тоа го поставува како еден од клучните услови за мир. Кремљ, исто така, инсистира откажувањето од членство во НАТО да биде дел од мировниот договор, тврдејќи дека проширувањето на Алијансата претставува главна закана за безбедноста на Русија и причина за инвазијата започната во февруари 2022 година.
Зеленски нагласува дека западните безбедносни гаранции мора да бидат правно обврзувачки и поддржани од Конгресот на САД. Кремљ денеска соопшти дека очекува американската страна да го информира за содржината на разговорите во Берлин.
На прашањето дали преговорите би можеле да завршат до Божиќ, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека обидот да се предвиди временска рамка за можен мировен договор е „неблагодарна задача“.