Првиот африкански климатски самит заврши денеска со усвојување на Декларацијата од Најроби, која има за цел да го конкретизира потенцијалот на африканскиот континент за зелен раст, изјави кенискиот претседател Вилијам Руто.
– Оваа декларација ќе биде основа за заедничката позиција на Африка во светскиот процес за климатските промени до КОП28 и понатаму, наведуваат потписниците на текстот во кој имале увид некои светски агенции.
Самитот во Најроби е почеток на четиримесечните меѓународни состаноци за климата што ќе кулминираат со конференцијата КОП28 на ОН во Дубаи на крајот на ноември, каде што се очекува жестока борба околу прекинот на употребата на фосилни горива.
Во завршната декларација, африканските земји бараат од меѓународната заедница да придонесе за зголемување на капацитетот за производство на енергија од обновливи извори во Африка од 56 гигавати во 2022 година на најмалку 300 гигавати до 2030 година, со цел да се борат против енергетската несигурност и да се зајакне глобалното снабдување со чиста и исплатлива енергија.
Се предлага и да се воспостави „нова архитектура за финансирање приспособена на потребите на Африка, вклучувајќи реконструкција и олеснување на долгот“, кој е голем товар за нивните економии. Тие, исто така, ги повикуваат светските лидери „да го поддржат предлогот за данок на јаглерод, вклучително и данок на јаглерод за трговијата со фосилни горива, поморскиот транспорт и воздушниот сообраќај, кој исто така може да биде зголемен со глобален данок на финансиски трансакции“.
На тридневната средба во Најроби беа ветени инвестиции во износ од 23 милијарди американски долари во обновливи извори на енергија, рече претседателот Руто, од кои Обединетите Арапски Емирати ветија 4,5 милијарди долари.