Истражувачите добија можност да ги набљудуваат мозокот и телата на живите животни откако открија дека обична боја за храна може да ги направи кожата, мускулите и сврзните ткива привремено транспарентни, пренесува Гардијан.
Нанесувањето на бојата на стомакот на глувчето ги направило неговиот црн дроб, цревата и мочниот меур јасно видливи преку абдоминалната кожа, додека со мачкањето на скалпот на глодарот научниците можеле да ги видат крвните садови во мозокот на животното.
Третираната кожа ја вратила својата нормална боја кога нанесената боја била измиена, според истражувачите од Универзитетот Стенфорд, кои веруваат дека процедурата отвора мноштво апликации кај луѓето, од лоцирање на повреди и пронаоѓање вени за вадење крв до следење на дигестивните нарушувања и забележување тумори.
„Наместо да се потпираат на инвазивни биопсии, лекарите можеби ќе можат да дијагностицираат длабоко вкоренети тумори со едноставно испитување на ткивото на една личност без потреба од инвазивно хируршко отворање“, рече д-р Гуосонг Хонг, постар истражувач на проектот. „Оваа техника потенцијално би можела да го направи вадењето крв помалку болно помагајќи им на медицинските сестри лесно да ги лоцираат вените под кожата“.
Ваквиот пристап налукува на пристапот од романот „Невидливот човек“ од ХГ Велс од 1987 година, во кој се открива дека тајната на невидливоста лежи во усогласување на индексот на рефракција на објектот, или способноста да се свитка светлината, со онаа на околниот воздух.
Кога светлината продира во биолошкото ткиво, голем дел од неа се расфрла бидејќи структурите внатре, како што се масните мембрани и клеточните јадра, имаат различни индекси на рефракција. Како што светлината се движи од еден до друг индекс на рефракција, таа се наведнува, правејќи го ткивото непроѕирно. Истиот ефект прави моливот да изгледа свиткан кога ќе падне во чаша вода.
Доктор Жиао Оу и неговите колеги од Стенфорд теоретизираат дека одредени бои може да направат одредени бранови должини од светлината да поминат полесно низ кожата и другите ткива. Боите кои силно апсорбираат го менуваат индексот на рефракција на ткивата што ги апсорбираат, овозможувајќи им на научниците да се усогласат со индексите на рефракција на различни ткива и да го потиснат секое расејување.
Во серија експерименти опишани во Science, истражувачите покажуваат како свежите пилешки гради станале проѕирни на црвено светло неколку минути откако биле потопени во раствор на тартразин, жолта прехранбена боја што се користи во Doritos, пијалокот SunnyD и други производи. Бојата го намалувала расејувањето на светлината во ткивото, дозволувајќи им на зраците да навлезат подлабоко.
Тимот потоа ја намачка жолтата боја на долниот дел на глувчето, правејќи ја абдоминалната кожа провидна и откривајќи ги цревата и органите на глодарот. Во друг експеримент, тие нанесоа боја на избричената глава на глушец и, со техника наречена ласерско снимање на контраст со дамки, ги видоа крвните садови во мозокот на животното.
„Најизненадувачкиот дел од оваа студија е тоа што обично очекуваме молекулите на бојата да ги направат работите помалку транспарентни. На пример, ако мешате сино мастило за пенкало во вода, колку повеќе мастило додадете, толку помалку светлина може да помине низ водата“, рече Хонг. „Во нашиот експеримент, кога растворуваме тартразин во непроѕирен материјал како мускул или кожа, кој вообичаено ја расфрла светлината, колку повеќе тартразин додаваме, толку материјалот станува почист. Но, само во црвениот дел од светлосниот спектар. Ова е спротивно на она што обично го очекуваме со боите“.
Истражувачите го опишуваат процесот како „реверзибилен и повторлив“, при што кожата се враќа во својата природна боја откако ќе се измие. Во моментов, транспарентноста е ограничена на длабочината во која бојата продира, но Хонг рече дека со микроигли или инјекции би можеле да ја испорачаат бојата подлабоко.
Постапката сè уште не е тестирана на луѓе и истражувачите ќе треба да покажат дека е безбедна за употреба, особено ако бојата се инјектира под кожата.
Многу научници проучуваат природно проѕирни животни, како што е рибата зебра, за да видат како органите и карактеристиките на болеста, како што е ракот, се развиваат кај живите суштества. Со проѕирните бои, на овој начин може да се проучува многу поширок опсег на животни.
Во придружната статија, Кристофер Роуландс и Џон Горецки, од Империал колеџ во Лондон, велат дека ќе има „исклучително широк интерес“ за процедурата, која, кога ќе се комбинира со современи техники на сликање, може да им овозможи на научниците да снимаат цел мозок на глушец или да забележат тумори под ткива со дебелина од сантиметар.
Преземено од Трн.мк