Во пресрет на 9 Мај, Денот на победата над нацизмот што Русија традиционално го одбележува со воена парада, украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати јасна порака: Москва ја сноси целата одговорност за безбедноста на странските лидери кои ќе присуствуваат на овогодинешните комеморации.
„Нашиот став е многу едноставен кон сите земји што патувале или патуваат во Русија на 9 мај – не можеме да преземеме одговорност за она што се случува на територијата на Руската Федерација. Тие ја гарантираат вашата безбедност“, рече Зеленски.
Изјавата доаѓа во време на продолжена војна помеѓу Русија и Украина, а обидите на Кремљ да ја претстави Парадата на победата како симбол на отпорот кон „западниот неонацизам“ се гледаат со голема критика во Киев и кај многу западни влади.
Минатогодишната парада се одржа под зголемени безбедносни мерки, а неколку западни држави веќе одбија покани за присуство, повикувајќи се на руската агресија во Украина.