Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги посети маринците на источното бојно поле за да им се заблагодари за нивната улога во одбраната од руската инвазија.
На видеата објавени на социјалните мрежи се гледа како Зеленски им дели награди на десетици маринци во борбена опрема на Националниот ден на украинскиот маринци.
„Среќен ден на маринците, особено на таквите силни луѓе кои се во еден од најжешките, но и најсилните сектори – потегот Вухледар-Марјинка“, рече Зеленски.
Украинската војска во својот дневен извештај соопшти дека нејзините сили одбиле неколку непријателски напади врз градот Маринка, кој се наоѓа во источниот регион Доњецк.
Жестоки борби се водеа во областа, една од четирите провинции кои Русија ги прогласи за свои во септември минатата година, по референдумот што Украина и нејзините сојузници го отфрлија како „лажен“.
Зеленски ги одликуваше и командантите на неколку поморски единици. Тој рече дека украинската Влада ќе создаде специјален поморски корпус и вети дека ќе обезбеди ново оружје и опрема.