Зеленски и Макрон разговараа за нови санкции кон Русија и воени испораки за Украина

EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека имал телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, при што дискутирале за понатамошна воена и финансиска поддршка за Украина, вклучувајќи испорака на ракети и финансирање на дронови-пресретнувачи.

„Особено би сакал да го истакнам нашиот договор за обука на пилоти за авиони Мираж. Франција е подготвена да обучи дополнителни пилоти со користење на нови летала“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X. Тој додаде дека со Макрон ја координирале и следната фаза на заеднички политички чекори.

Разговорот меѓу двајцата лидери се случува во период кога Европската Унија го усвои својот 18-ти пакет санкции против Русија, насочен кон нафтената и енергетската индустрија, како реакција на продолжената агресија врз Украина.

Францускиот претседател Емануел Макрон го поздрави новиот пакет санкции, нарекувајќи го „без преседан“.

„Повеќе од кога било, треба да се потсетиме дека безбедноста, слободата и иднината на Европа се нераскинливо поврзани со судбината на Украина. Затоа го поздравувам усвојувањето на новите санкции. Руските напади мора веднаш да престанат“, напиша Макрон на X.

Соработката меѓу Украина и Франција продолжува да се продлабочува во услови на засилен притисок врз Русија и обидите на Западот да ја поддржи одбраната на Украина на сите фронтови.

Зачлени се на нашиот е-билтен