Зеленски ја одложи посетата на Саудиска Арабија: Не може да се донесе одлука за Украина без Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека ја одложил посетата на Саудиска Арабија планирана за среда и дека разговорите за тоа како да се стави крај на војната со Русија не може да се водат зад грб на Украина.

Украина не беше претставена на разговорите меѓу САД и Русија денеска во Ријад.

Зеленски рече дека Киев не бил поканет на состанокот, но тој требало да отпатува за Саудиска Арабија во среда.

„Сакаме никој ништо да не одлучува зад нашиот грб…Не може да се донесе одлука без Украина како да се стави крај на војната во Украина“, изјави Зеленски за новинарите за време на посетата на Турција, каде што разговараше со турскиот претседател Таип Ердоган.

Зеленски рече дека го одложил патувањето во Ријад до 10 март бидејќи не сакал „никакви случајности“.

Како што војната со Русија навршува три години, Зеленски рече дека ниту Киев ниту Москва не можат да победат на бојното поле.

Жестоки борби се водат на повеќе од 1.000 километри од линијата на фронтот, при што руските трупи полека, но стабилно напредуваат во источниот регион Доњецк. Украина презеде контрола врз мал дел од рускиот регион Курск во ненадеен напад започнат преку границата во август 2024 година.

Зеленски рече дека за да се обезбеди праведен мир, САД, Украина и Европа треба да учествуваат во разговорите за безбедносните гаранции за Киев. За нив Зеленски разговараше и со Ердоган.

Говорејќи на заедничката прес-конференција, Ердоган рече дека територијалниот интегритет и суверенитет на Украина се неспорни во очите на Анкара. Турција ќе биде соодветно место за какви било можни мировни разговори со учество на Русија, рече тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен