Зеленски: Јас и Путин ќе решаваме за територии и никој друг

Фото: X/@ZelenskyyUa

По средбата со американскиот претседател во Белата куќа, Зеленски им се обрати на новинарите во Вашингтон, нагласувајќи дека дискусијата за териториите била „прилично долга“ и поткрепена со мапи – американска, која покажувала процент на окупирани територии, и украинска, што ја прикажувала моменталната линија на фронтот.

„Се борев за секој процент од окупираната територија. Му објаснив на американскиот претседател како и кога беа заземени делови од истокот и Крим. Важно беше да се види дека украинските сили ја контролираат ситуацијата на фронтот“, рече Зеленски.

Тој нагласи дека Украина нема да прифати договор со Русија што подразбира територијални отстапки, додавајќи дека клучната цел останува прекин на огнот. Според него, Русија предложила прво билатерален состанок на ниво на лидери, а потоа и трилатерален со учество на САД. „Подготвени сме за кој било формат, но само на претседателско ниво можат да се решат тешките прашања“, истакна украинскиот лидер.

Зеленски се осврна и на идните безбедносни гаранции за Украина, најавувајќи дека тие ќе бидат формализирани за 7 до 10 дена. Тие вклучуваат долгорочно финансирање на армијата, воена помош од САД во вредност од 90 милијарди долари и поддршка за украинското производство на дронови.

„Немаше неприфатливи одлуки во Белата куќа – тоа беше конструктивен дијалог со аргументи од двете страни. Верувам дека секој си ја заврши својата работа,“ заклучи Зеленски.

Зачлени се на нашиот е-билтен