Зеленски: Мирот не е само отсуство на војна, а примирје со Путин не функционира

По турбулентната средба со Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше телефонски со францускиот претседател Емануел Макрон, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. Целта на овие разговори, како што беше соопштено, била зајакнување на сојузничките врски, а бројни европски лидери му изразија поддршка на Зеленски по неуспешните преговори во САД.

Тој денесека во текот на денот напиша долга изјава која ја објави Гардијан:

Многу сме им благодарни на Соединетите Американски Држави за сета поддршка. Му благодарам на претседателот Трамп, на Конгресот за нивната двопартиска поддршка, и на американскиот народ. Украинците отсекогаш ја ценеле оваа поддршка, особено во овие три години на целосна инвазија.

Помошта од Америка беше клучна за нашето преживување, и сакам тоа јасно да го нагласам. И покрај сложениот дијалог, остануваме стратешки партнери. Но, мораме да бидеме искрени и директни еден со друг за вистински да ги разбереме заедничките цели.

За нас е од суштинско значење да ја имаме поддршката од претседателот Трамп. Тој сака да ја заврши војната, но никој не ја посакува мирот повеќе од нас. Ние ја живееме оваа војна во Украина. Тоа е борба за нашата слобода, за нашето опстојување.

Како што еднаш рече претседателот Реган: „Мирот не е само отсуство на војна“. Говориме за праведен и траен мир – слобода, правда и човекови права за сите. Примирје со Путин не функционира. Во последните 10 години, тој прекрши примирја 25 пати. Единственото решение е вистинскиот мир.

Подготвени сме да го потпишеме договорот за минерали, што ќе биде првиот чекор кон безбедносни гаранции. Но, тоа не е доволно, и ни треба многу повеќе. Примирје без безбедносни гаранции е опасно за Украина. Веќе три години се бориме, а украинскиот народ треба да знае дека Америка е на наша страна.

Јас не можам да ја променам позицијата на Украина кон Русија. Русите нè убиваат. Русија е непријателот, и тоа е реалноста со која се соочуваме. Украина сака мир, но тој мора да биде праведен и траен. За тоа, мораме да бидеме силни на преговарачката маса. Мирот може да дојде само ако имаме безбедносни гаранции, силна армија и поддршка од нашите партнери.

Ние сакаме мир. Затоа дојдов во Соединетите Држави и се сретнав со претседателот Трамп. Договорот за минерали е само првиот чекор кон безбедносни гаранции и приближување до мирот. Нашата ситуација е тешка, но не можеме само да престанеме да се бориме без гаранции дека Путин нема да се врати утре.

Ќе биде многу тешко без поддршката од САД. Но, не смееме да ја изгубиме волјата, слободата и нашиот народ. Видовме како Русите доаѓаа во нашите домови и убиваа многу луѓе. Никој не сака уште еден бран на окупација. Ако не можеме да станеме членка на НАТО, ни треба јасна структура на безбедносни гаранции од нашите сојузници во САД.

Европа е подготвена за вонредни ситуации и за финансирање на нашата голема армија. Но, ни треба и улогата на САД во дефинирањето на безбедносните гаранции – какви, во кој обем, и кога. Откако тие гаранции ќе бидат воспоставени, можеме да разговараме со Русија, Европа и САД за дипломатијата. Војната е предолга, а ние немаме доволно оружје целосно да ги избркаме.

Кога некој зборува за загуби, секој живот е важен. Русија ни ги нападна домовите, нè уби, и се обиде да нè избрише. Ова не е само за територии или бројки – ова се вистински животи. Тоа е нешто што сите треба да го разберат.

Сакам САД да застанат уште поцврсто на наша страна. Ова не е само војна меѓу нашите две земји; Русија ја донесе војната на наша територија, во нашите домови. Тие се во грешка затоа што го прекршија нашиот територијален интегритет.

Сите Украинци сакаат да чујат јасна и силна поддршка од САД. Разбирливо е дека САД можеби бараат дијалог со Путин. Но, САД отсекогаш зборувале за „мир преку сила“. И заедно можеме да преземеме силни чекори против Путин.

Нашиот однос со американскиот претседател не е само однос меѓу двајца лидери; тоа е историска и цврста врска меѓу нашите народи. Затоа секогаш започнувам со зборови на благодарност од нашиот народ кон американскиот народ.

Американците помогнаа да се спасат нашите луѓе. Луѓето и човековите права се на прво место. Навистина сме благодарни. Сакаме само силни односи со Америка и навистина се надевам дека ќе ги имаме.„

Како падна Зеленски во замката

Средбата на Зеленски со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и претседателот Трамп во Белата куќа предизвика голем интерес. Разговорите го означија продолжувањето на напнатите преговори меѓу Украина и САД околу примирјето и завршувањето на војната.

Политичкиот аналитичар за „Еуроњуз“, Драгослав Рашета од организацијата „Нов трет пат“ оценува дека „неочекуваните сцени од Овалната соба“ покажуваат дека Зеленски влегол во „замка“, при што прво бил нападнат од потпретседателот Венс, а потоа и од самиот Трамп. Според него, големата разлика во ставовите околу тоа како треба да изгледа примирјето била очигледна, особено кога Зеленски го цитирал Реган, нагласувајќи дека „мирот не е само отсуство на војна“.

Рашета смета дека актуелната американска администрација не гледа долгорочно и дека стратегијата им е Зеленски да биде таргетиран како одговорен за продолжувањето на војната. Тој додава дека ситуацијата кулминирала кога новинар го поставил прашањето за безбедносните гаранции и што ќе се случи ако Путин го прекрши примирјето. Според него, тоа било „иницијална каписла“ за Венс, кој го доживеал прашањето како директен напад врз Трамп, што довело до ескалација на тензиите меѓу Зеленски и американската администрација.

Аналитичарот оценува дека Зеленски пристигнал добро подготвен и се обидел да изгради личен однос со Трамп, потенцирајќи ја неговата сила како лидер кој нема да дозволи Путин да го измами. Но, според Рашета, Трамп гледа на мирот низ призмата на своите ветувања до гласачите – тој сака брзо решение, без разлика дали е праведно или одржливо. Од друга страна, Зеленски бара долгорочна безбедност и гаранции дека агресијата нема да се повтори.

Рашета нагласува дека Трамп не сфаќа оти ситуацијата на теренот не е така едноставна ниту за Русија, ниту за Украина. Двете страни сметаат дека нивните сегашни позиции им даваат поголема предност отколку решението што го нуди Трамп. Тој истакнува дека Европа и понатаму е најголемиот поддржувач на Украина, со 140 милијарди евра помош, додека САД досега издвоиле 120 милијарди, од кои 67 милијарди се воена помош. „Трамп повеќе нема што да му понуди на Зеленски“, заклучува Рашета.

Според него, Зеленски бил видно збунет кога Трамп инсистирал да му се заблагодари, имајќи предвид дека Трамп уште за време на администрацијата на Бајден беше против одобрувањето на нов пакет воена помош. „Сега, Трамп ниту нуди воена помош, ниту гаранции за безбедност“, додава аналитичарот.

Рашета исто така посочува дека Трамп има проблем и со Путин, кој бил внимателен во однос на неговата победа. Според него, руската реторика, како и изјавите од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, укажуваат дека Москва продолжува со регрутација и дека агресијата не запира. Заклучува дека Трамп премногу верува во своите преговарачки способности, но и во можноста брзо да ја заврши војната.

Во однос на индустриските и воени капацитети на Европа, Рашета смета дека ЕУ може да продолжи со поддршка на Украина и дека сè појасно станува оти САД веќе не се сигурен и долгорочен сојузник. Тоа би можело да доведе до зајакнување на европската поддршка за Украина, оценува тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен