Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зеленски пристигна во Париз од Германија

По посетите на Германија и Италија, украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва пристигна во Париз на разговори со францускиот претседател Емануел Макрон.

По слетувањето на воениот аеродром во близина на францускиот главен град, тој беше пречекан од француската премиерка Елизабет Борн и министерката за надворешни работи Катрин Колона.

– Париз. Со секоја посета, одбранбените и офанзивните способности на Украина се прошируваат. Врските со Европа стануваат се посилни, а притисокот врз Русија расте. Ќе имам средба со мојот пријател Емануел и ќе разговараме за најважните точки од билатералните односи, напиша Зеленски на Твитер.

Како што претходно соопшти Елисејската палата, украинскиот лидер ќе има вечера со францускиот претседател Емануел Макрон.

Според Елисејската палата, разговорите меѓу Макрон и Зеленски ќе се фокусираат на тековната воена и хуманитарна поддршка за Украина за одбрана од руската инвазија. Долгорочната перспектива за враќање на мирот во Европа, исто така, веројатно ќе биде тема.

Ова е втора посета на украинскиот лидер на Париз од почетокот на руската инвазија минатата година, по средбата со Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц во францускиот главен град во февруари.

Зачлени се на нашиот е-билтен