Размената на затвореници меѓу Украина и Русија ќе продолжи следната недела, во согласност со постигнатите договори, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во вечерното видео обраќање, тој рече дека се работи на враќање на сите преостанати украински војници кои моментално се во руско заробеништво.
„Планираме да ги продолжиме размените следната недела, барем таков е договорот“, нагласи Зеленски, пренесува Укринформ.
Претседателот на Украина потврди претходно денес на својот Телеграм канал дека е извршена четвртата размена на воени заробеници со Руската Федерација.
Според него, меѓу оние кои денес се вратиле во Украина има многу луѓе кои се во заробеништво од 2022 година, заробени како членови на украинските вооружени сили, Националната гарда, Државната гранична служба и Специјалната транспортна служба.
Врховниот комесар на Радата за човекови права, Дмитро Лубинец, извести дека најстарото лице од групата вратена во Украина има 63 години, а најмладото 21 година, и дека некои од ослободените воени заробеници се регистрирани како исчезнати.