Зеленски: Русија интензивно ја напаѓа Украина со дронови и бомби

Фото: X/@ZelenskyyUa

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за ескалација на воздушните напади врз цивилната инфраструктура, наведувајќи дека во последните седум дена врз Украина биле испратени најмалку 1.800 беспилотни летала, над 1.200 лизгачки бомби и 83 ракети.

Во видеообраќање објавено на неговиот канал на Телеграм, Зеленски изјави дека интензитетот на руските напади расте, посебно во ноќните часови, и дека целта на нападите е ширење страв и дестабилизација на населението.

„Русија го засилува теророт врз нашите градови и општини. Нападите се сè почести и покоординирани. Нашите системи за противвоздушна одбрана се под огромен притисок“, истакна Зеленски, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Тој ја пофали работата на украинската противвоздушна одбрана, особено системите за пресретнување беспилотни летала. Според Зеленски, специјално развиени дронови-пресретнувачи успешно собориле голем број од иранските дронови „Шахед“ кои Русија ги користи во своите напади.

Зеленски исто така соопшти дека во тек се интензивни разговори со западните партнери за унапредување на одбранбените технологии и продолжување на поддршката за украинската армија.

Германската агенција ДПА потсетува дека најинтензивниот напад со дронови досега бил регистриран оваа среда, кога украинската одбрана успеала да пресретне повеќе од 700 дронови во еден ден.

Украина веќе повеќе од три години се брани од целосната руска инвазија, со значителна воена, технолошка и логистичка поддршка од западните земји.

Зачлени се на нашиот е-билтен