Зеленски со нова покана до Венс да ја посети Украина: Сè уште ве чекаме потпретседателе

Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно го повика американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс да ја посети Украина, но сè уште нема одговор.

Во интервју за Time, Зеленски изјави дека го повикал Ванс да ја преиспита својата одлука да не патува додека трае војната. Тој додаде дека Украина „сè уште го чека“, но засега нема никаква реакција од американскиот функционер.

Зеленски исто така изрази надеж дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе сфати дека рускиот лидер Владимир Путин е „послаб отколку што изгледа“ и дека „не може да му се верува“.

Во разговорите со Трамп, Зеленски предупредил дека доколку прекинот на огнот постојано биде нарушуван од руски напади, украинските градови долж фронтот би се претвориле во „илјада Берлини“ – мртви зони на картата на Европа.

Претходно овој месец, Ванс ја обвини Украина дека се потпира на присилна мобилизација, на што Зеленски одговори со прашањето: „Дали некогаш сте биле во Украина за да зборувате за нашите проблеми?“

Игнорирајќи го повикот за посета, Ванс возврати: „Ги следам тие информации и знам дека кога носите луѓе во Украина, ги водите на пропагандна тура, господине претседателе.“

Зачлени се на нашиот е-билтен