Претседателот на Украина, Володимир Зеленски вети дека во иднина житото и другите земјоделски производи од неговата земја ќе транзитираат само преку Полска и другите земји од Европската унија.
Според него, овие земјоделски производи не смеат да го дестабилизираат европскиот пазар, во пристаништата до кои ќе пристигнат само ќе се претоваруваат и испраќаат во Африка и Блискиот Исток, а решението треба да бидат заклучени контејнери.
„Претседателот (на Украина) Зеленски даде цврсто ветување дека во рок од една или две недели ќе биде потпишан договор за тоа дека житото и другите земјоделски производи транзитираат во заклучени контејнери. Тие ќе минуваат низ Полска само за да бидат испратени во други земји“, рече портпаролот на полската Влада, Пјотр Милер за приватната телевизија Полсат.
За протестите на фармерите поради украинското жито кои ги зазедоа силосите во Полска и дека препродавачите и трговците ги пуштиле на пазарите таму и во некои други земји од ЕУ, полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изјави дека не е само украинското жито виновно за падот на цените и проблемите на полските земјоделци.
„Ако ги погледнеме цените пред една година, пред војната, тие беа дури и пониски од сега. На крајот на минатата година неверојатно се зголемија, потоа се намалија, но повторувам, тие и денес се повисоки од пред една година. Сепак, ја разбирам огорченоста на полските земјоделци, бидејќи би сакале да имаат цени што е можно повисоки“, рече Дуда во интервју за државното радио.
Тој се заложи за заострување на контролите на украинско-полската граница, што ќе ги спречи шпекулантите, бидејќи тие се најголемиот проблем за полските земјоделци