Таксата за влез во Европската Унија, која првично беше најавена дека ќе изнесува 7 евра, наскоро ќе се зголеми на 20 евра, соопшти Европската комисија.
Одлуката е резултат на инфлацијата и зголемените оперативни трошоци за одржување и надградба на системот ETIAS – Европскиот систем за информации и одобрување на патувања, кој треба да започне со работа кон крајот на 2026 година.
„Регулативата ETIAS од 2018 година предвидуваше такса од 7 евра. Земајќи го предвид зголемувањето на инфлацијата и новите технички функции интегрирани во системот, таксата ќе се прилагоди на 20 евра по апликација, со важност од три години“, се наведува во соопштението на Европската комисија.
Системот ETIAS, иако често се споредува со виза, всушност претставува електронска дозвола за патување, налик на системите ETA во Велика Британија и ESTA во САД.
Таксата нема да ја плаќаат:
- Лица под 18 и над 70 години;
- Членови на семејства на граѓани на ЕУ;
- Членови на семејства на државјани од трети земји кои имаат право на слободно движење во ЕУ.
Официјалната имплементација на ETIAS е одложена неколкупати, но се очекува системот да стане активен од последниот квартал на 2026 година. Пред тоа, од октомври 2025 година, земјите од ЕУ постепено ќе го воведуваат и EES – Системот за регистрација на влез и излез, кој ќе собира биометриски податоци и ќе го замени досегашното печатење на пасошите.
Европската унија нагласува дека ETIAS и EES не се визи, туку алатки за побрза и посигурна гранична контрола во Шенген зоната.
Одлуката за зголемување на таксата сè уште не е конечна – потребно е одобрување од Европскиот парламент и Советот на ЕУ.