Жизел Пелико ја доби највисоката француска награда

Жизел Пелико, Французинка која стана симбол на храброста откако сведочеше на судењето за масовно силување, е одликувана со највисоката државна награда на Франција – Орденот на Легијата на честа.

Седумдесет и две годишната Пелико беше прогласена за витешки член (chevalier) на Легијата на честа на списокот на одликувани објавен по повод Денот на падот на Бастилја.

Нејзината приказна привлече внимание кога јавноста дозна дека доброволно се откажала од правото на анонимност за време на судењето на нејзиниот сопруг, Доминик Пелико, кој беше осуден за тешко силување. Тој ја дрогирал и злоставувал, а повикувал и десетици непознати мажи – околу 50 – да ја силуваат во текот на речиси една деценија, додека била во бессознание во сопствениот дом.

Жизел Пелико секојдневно присуствуваше на судењето, кое заврши во декември минатата година со пресуда од 20 години затвор за Доминик Пелико – максималната казна за тешко силување во Франција.

„Сакам сите жени што биле силувани да можат да кажат: Госпоѓа Пелико го стори тоа, можам и јас,“ рече таа претходно, нагласувајќи дека сака „срамот да ја смени страната“ – од жртвата кон сторителот.

Признание од Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон ѝ оддаде јавно признание, велејќи дека нејзиното достоинство и храброст ја трогнаа и инспирираа Франција и светот.

Жизел Пелико е една од 589 личности кои беа одликувани оваа недела. Нејзиниот адвокат соопшти дека мемоари во кои ќе ја раскаже својата страна од приказната ќе бидат објавени на почетокот од следната година.

Зачлени се на нашиот е-билтен