Истакнатиот руски националист Игор Гиркин, познат како Игор Стрелков, кој јавно ги обвини Путин и военото раководство дека не биле доволно сурови и ефективни во војната против Украина, беше приведен вчера под обвинение за поттикнување екстремизам, пишува Ројтерс.
Апсењето на човек кој Западот го смета за воен злосторник, сугерира дека властите се уморни од неговите критики за, како што ја нарекуваат, „специјалната воена операција“ на Русија, а можеби и други националисти кои се чини дека имале исклучителна дозвола да ги исмеваат воените напори.
Апсењето следеше по неуспешниот бунт минатиот месец предводен од друг отворен критичар, Евгениј Пригожин, шефот на платеничките сили на „Вагнер“, кој сè уште е на слобода, но значително ги намали своите вербални напади.
Московскиот суд му одреди истражен притвор на Стрелков (52) до 18 септември, откако беше уапсен од неговиот поранешен работодавец, државната служба за безбедност ФСБ. Обвинението покренато од обвинителите предвидува максимална казна од пет години затвор.
Стрелков ги негира обвиненијата против него, кои се фокусирани на две објави на апликацијата Телеграм, и одбива да соработува со истражните органи. Неговиот адвокат Александар Молоков изјави за новинарите дека ќе се жали на одлуката за одредување притвор.
Адвокатот се пожали дека не му било дадено доволно време да се запознае со обвиненијата против Стрелков, што според него е прекршување на постапката.
Британското Министерство за одбрана во редовниот разузнавачки извештај објавен денеска наведува дека апсењето „веројатно ќе ги налути колегите од заедницата за воени блогери, кои во голема мера го гледаат Стрелков како итар воен аналитичар и патриот“.
Гиркин, поранешен офицер на ФСБ и командант на бојното поле, познат и како Игор Стрелков, и помогна на Русија да го анектира Крим во 2014 година и, набргу потоа, да организира проруски милиции кои презедоа дел од источна Украина од контролата на Кијив.
Украинските власти и западните организации за човекови права го обвинија дека таму извршил воени злосторства, но тој ги отфрлаше таквите наводи.
Холандскиот суд го осуди во отсуство на доживотен затвор во 2022 година за неговата улога во соборувањето на летот MH17 на Малезија ерлајнс над источна Украина во 2014 година, при што загинаа 298 патници и членови на екипажот. Тој тогаш тврдеше дека не е виновен.
Стрелков многумина го сметаа за недопирлив поради неговото минато и врските со власта, а во последните месеци стана се погласен.
Тој во мај објави дека заедно со упте неколкумина формирале „Клуб на гневни патриоти“.
Во една објава на 18 јули на каналот Телеграм, каде што го следат повеќе од 760.000 луѓе, Стрелков упатил лични навреди кон Путин и го повикал да ја предаде власта на „некој кој е навистина способен и одговорен“.