Зошто Ајфон не може да се склопува во САД: „Произведено во Америка“ е илузија

Во последно време повторно се актуелизира прашањето дали iPhone може да се склопува во САД, по барањето на Доналд Трамп за „Made in America iPhone“. Но, ова барање е далеку од реалност, покажуваат анализите. Производството на iPhone во Америка не е само прашање на трошоци, туку резултат на сложен систем кој вклучува специјализирана работна сила, напредна технологија, развиена инфраструктура и глобален синџир на снабдување кој се градел со децении.

Во САД нема доволно квалификувани работници со специјализирани вештини што се потребни за склопување на iPhone. За разлика од фабриките на Foxconn во Кина, каде што има стотици илјади вработени, со добри плати и бонуси, американскиот пазар на труд е значително поразличен.

Керолин Ли од Институтот за производство предупредува дека половина од отворените работни места во производството бараат барем факултетска диплома. До 2030 година, недостигот на квалификувана работна сила во производството може да достигне 2,1 милион празни позиции, што ќе му штети на економијата со околу 1 трилион долари.

Финансиските предизвици

Според експертите, еден iPhone произведен во Америка би чинел околу 3.500 долари, многу повеќе од сегашната цена. Apple би морал да инвестира милијарди долари за префрлување на дел од производството во САД, а истовремено ќе се соочи со даночни и регулаторни пречки.

iPhone не е само американски производ – тој е резултат на глобална мрежа на добавувачи од 43 земји. Екрани од Јужна Кореја, чипови од Тајван, мемории од Јапонија и масовно склопување во Кина и други земји – сето тоа е тесно поврзано. Процесот е толку комплициран што не може да се пресели брзо или лесно.

Технолошки и инфраструктурни бариери

Иако Apple започна да отвора фабрики во Аризона, каде што се произведуваат полупроводници, проблемот со недостаток на квалификувани инженери и техничка работна сила останува голем. Индустријата за полупроводници ќе има потреба од милион нови квалификувани работници до 2030 година.

Аналитичари, како Ерик Вудринг од „Морган Стенли“, сметаат дека Apple може да произведува мали количини од некои уреди во САД, како „ХоумПод“ или „ЕрТејгс“, но масовното производство на iPhone останува невозможна мисија во блиска иднина.

Идејата да се премести целото производство на iPhone во Америка за неколку години е нереална и прескапа. Според експертите, тоа би барало децении и трилиони долари инвестиции. За сега, Кина останува главниот центар на производство и снабдување за Apple, а со тоа и реалната „технологиска фабрика на светот“.

Зачлени се на нашиот е-билтен