Зошто директор на руска одбранбена фабрика се самозапали на Црвениот плоштад

Драматичниот протест на Владимир Арсењев, директор на руска фабрика што произведува компоненти за воена комуникациска опрема, го отвори прашањето за огромниот притисок под кој се наоѓа руската одбранбена индустрија од почетокот на војната во Украина.

Арсењев, 75-годишен научник и раководител на Институтот „Волна“, во јули 2024 година изврши екстремен јавен протест на Црвениот плоштад во Москва, во близина на Кремљ. Тој подоцна за Ројтерс изјави дека неговиот чин бил очаен обид да го привлече вниманието на властите кон, како што тврди, неправедниот третман и институционалниот притисок што ја турнал компанијата кон финансиски колапс.

По почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во 2022 година, фабриката на Арсењев добила голем број државни нарачки за компоненти што се користат во комуникациски уреди за екипажите на тенкови. Наместо профит, нарачките се покажале како сериозен товар.

Според Арсењев, компанијата морала за кратко време драстично да го зголеми производството и да испорачува под строги рокови и цени утврдени од Министерството за одбрана. Неисполнувањето на договорите, вели тој, не било опција бидејќи државата јавно се заканувала со кривична одговорност за директорите на одбранбени компании што нема да ги исполнат обврските.

До пролетта 2023 година, „Волна“ почнала да доцни со производството, а во компанијата избувнале и внатрешни конфликти. Малцинскиот акционер Сергеј Мосиенко, стравувајќи од кривична одговорност, ги пријавил проблемите до надлежните институции.

Истражувањето на Ројтерс покажува дека случајот на Арсењев не е изолиран. Од почетокот на војната во Украина, најмалку 34 лица – меѓу нив и директори и високи менаџери, се соочиле со кривични обвиненија поради „попречување на државни одбранбени нарачки“.

Рускиот закон, заострен по 2022 година, предвидува затворски казни до 10 години не само за злоупотреба, туку и за неспособност да се исполни договор за одбрана, дури и без докажување лична корист.

Тоналитетот на ваквиот пристап беше јавно демонстриран од Дмитриј Медведев, кој во 2023 година пред индустриски лидери цитираше телеграма од Сталин со предупредување дека производителите што ќе доцнат со испораките ќе бидат „скршени како криминалци“.

Според Арсењев, клучен момент бил кога Министерството за одбрана одлучило речиси преполовено да ја намали цената што ќе се плаќа за компонентите што ги произведува „Волна“, со образложение дека автоматизацијата го намалила трошокот на производство. Тој потег, велат судските документи, сериозно го нарушил синџирот на снабдување за руската војска во Украина.

Компанијата останала без доволно средства, сметките ѝ биле блокирани поради неплатени даноци, платите доцнеле, а доверителите покренале тужби. Иако во еден судски спор „Волна“ добила пресуда во своја корист, повеќе поврзани случаи сè уште се нерешени.

Државниот одбранбен конгломерат Ростех ги отфрли наводите за деградација на руската одбранбена индустрија, нарекувајќи ги „пропагандни митови“ и тврдејќи дека секторот бележи силен раст. Кремљ и Министерството за одбрана не одговорија на конкретните прашања поврзани со случајот на Арсењев.

Единствената официјална реакција по неговиот протест, според самиот Арсењев, била судска казна во октомври 2024 година, не за причините што го довеле до очај, туку за „неовластен протест на чувствителна локација“.

Денес, Арсењев повторно работи, но неговата компанија е значително намалена, со многу помалку нарачки. Поголем дел од времето го поминува по судови, обидувајќи се да ја одржи „Волна“ во живот.

Неговиот случај, според аналитичарите, ја оголува цената на милитаризираната економија во Русија: огромно производство под строга контрола, со висока закана од кривична одговорност, но без флексибилност и поддршка за компаниите што треба да ја носат тежината на воените нарачки.

Зачлени се на нашиот е-билтен