Зошто Германија се враќа на нуклеарната енергија?

Фото: JKremona, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Германија ја напушти својата долгогодишна опозиција кон нуклеарната енергија, во знак на приближување кон Франција и во рамки на новата политика на владата предводена од конзервативниот канцелар Фридрих Мерц. Со оваа одлука, Берлин сигнализираше дека повеќе нема да ги блокира напорите на Париз нуклеарната енергија да се изедначи со обновливите извори во европското законодавство.

Овој пресврт претставува голем чекор кон надминување на споровите меѓу Германија и Франција кои го попречуваа носењето на заеднички енергетски политики на ниво на ЕУ, особено по руската инвазија на Украина.

„Германците ни кажуваат: ќе бидеме многу прагматични во однос на нуклеарната енергија“, изјави висок француски дипломат вклучен во преговорите. Тоа, според него, значи дека „сите предрасуди против нуклеарната енергија што сè уште постојат во некои европски законски текстови ќе бидат отстранети“. Германски официјален претставник ова го нарече „политика со длабоки последици“.

Промената доаѓа во момент кога Мерц се залага за вклучување на Германија во францускиот нуклеарен чадор како заштита од можни идни закани од Русија. „Конечно сме подготвени да разговараме со Франција за нуклеарното одвраќање во Европа. Подобро доцна отколку никогаш“, рече германскиот функционер.

Ова приближување, според аналитичарите, ќе ја олесни енергетската дебата во рамки на ЕУ. За Мерц, се работи и за обид за обновување на француско-германската соработка, која беше заглавена за време на мандатот на поранешниот канцелар Олаф Шолц.

Мерц, кој победи на изборите во февруари, ја критикуваше одлуката на Ангела Меркел од 2011 година за напуштање на нуклеарната енергија, нарекувајќи ја грешка која ја лиши Германија од евтина и сигурна електрична енергија. Иако не планира повторно отворање на постоечките реактори, тој поддржува инвестиции во нови технологии, како мали модуларни реактори и нуклеарна фузија – која за разлика од фисијата не произведува долгорочен радиоактивен отпад.

Новото француско-германско сојузништво на енергетски план се надоврзува на зголемениот интерес за нуклеарна енергија низ Европа, особено по рекордниот раст на цените на гасот предизвикан од војната во Украина. Денес, освен Австрија, речиси сите членки на ЕУ го прифаќаат атомот како дел од енергетскиот микс. Земји како Холандија и Белгија дури и се откажаа од претходните планови за затворање на реакторите.

Во писмо испратено до Европската комисија, 12 земји-членки со нуклеарни капацитети побараа нуклеарната енергија да биде официјално призната како комплементарна со обновливите извори. Тие повикаа на ажурирање на податоците за нуклеарниот сектор во ЕУ, отворајќи простор за државна помош и испраќање на јасна порака до инвеститорите.

Иако Германија минатата година обезбеди над 60% од електричната енергија од обновливи извори, долги години се спротивставуваше на иницијативите на Франција атомската енергија да биде класифицирана како „зелена“. Франција, пак, добива околу 70% од електричната енергија од атомски централи.

Причините за отпорот во Берлин беа делумно економски – стравување дека француската индустрија ќе добие конкурентска предност благодарение на 56-те реактори – но и идеолошки, бидејќи Зелените, кои се против нуклеарна енергија, беа дел од коалициската влада на Шолц.

Овој судир доведе до долготрајни дебати околу вметнувањето на изразот „нискојаглеродна“ енергија – термин што често означува нуклеарна – во законите на ЕУ за обновлива енергија и за производство на водород, клучен енергенс во германските планови за декарбонизација на индустријата.

Францускиот претседател Емануел Макрон, за време на посетата на Мерц во Париз на 7 мај, изјави: „За да ја обезбедиме нашата енергетска сувереност, бараме крај на дискриминацијата во ЕУ кон нискојаглеродните енергии, било да се нуклеарни или обновливи.“

Преку оваа промена, хидрогенот произведен со атомска енергија ќе се третира исто како и оној произведен од ветер или сонце – голем чекор кон еднакво третирање на сите технологии што водат кон зелена транзиција.

Зачлени се на нашиот е-билтен