Зошто и требаат тенкови на Германија?

Во германската индустрија се случуваат значајни промени: додека водечките фабрики од автомобилската индустрија, како Volkswagen (VW), укинуваат илјадници работни места поради забавениот раст на пазарот, производителите на тенкови, ракети и други воени технологии очајнички бараат нови вработени. Воениот сектор бележи подем поради зголемените трошоци за одбрана на земјите-членки на НАТО, а потребата за нова работна сила е сè поизразена, пишува Deutsche Welle (DW).

Според најновата студија на консултантската куќа EY и Декабанка, европските членки на НАТО во наредните години ќе инвестираат по 72 милијарди евра годишно во вооружување. Овие огромни инвестиции ќе создадат или обезбедат околу 680.000 работни места низ Европа.

Слични заклучоци носи и истражувањето на консултантската фирма Kearney. Сепак, точниот број на потребни стручни работници ќе зависи од тоа колку европските земји ќе издвојуваат за одбрана во иднина.

Ако НАТО-членките ја следат препораката и одвојат 2% од својот БДП за воени цели, до 2030 година ќе има недостиг од околу 160.000 квалификувани работници.

„Доколку трошоците се зголемат на 2,5% од БДП, ќе недостасуваат околу 460.000 работници, а ако достигнат 3%, таа бројка би можела да се искачи до 760.000“, наведуваат авторите на студијата, Гвидо Хертел и Нилс Кулвајн.

Посебно голема е побарувачката за експерти од областа на вештачката интелигенција, big data анализата, ракетната технологија и роботиката.

Автомобилската индустрија во пад – воената индустрија во подем

Проблемите во автомобилската индустрија и преориентирањето на економијата кон воениот сектор водат до големи преструктурирања во германската економија.

„Профитираме од кризата во автомобилската индустрија“, вели Оливер Дере, директор на компанијата Hensoldt, во интервју за Reuters.

Оваа баварска компанија произведува радари што се користат во системите за противвоздушна одбрана, меѓу кои и оние кои моментално се користат во Украина. Еден од нивните напредни системи може да детектира stealth бомбардери како американскиот F-35, кои се специјално дизајнирани да бидат речиси невидливи за радарите.

Зголемената побарувачка за воени технологии ги принудува компаниите да бараат нови работници. Hensoldt веќе преговара со гигантите од автомобилската индустрија, како Continental и Bosch, за преземање на нивните работници кои остануваат без работа поради падот на производството на автомобили.

Новите фабрики за оружје – спас за отпуштените работници

Во источногерманскиот град Горлиц, на границата со Полска, концернот за производство на вооружување KNDS ја презема фабриката на производителот на возови Alstom, која требаше да биде затворена во 2026 година.

KNDS планира да преземе околу половина од 700 вработени во фабриката и да ја трансформира во центар за производство на делови и модули за тенковите Leopard 2, Puma и Boxer. Производството треба да започне во текот на 2025 година.

Друг гигант од воената индустрија, Rheinmetall, исто така бара работници од други сектори. Така, поранешен експерт за специјални компоненти во нафтената индустрија сега произведува цевки за тенкови, а поранешна козметичарка работи како лакирка на гранати за тенкови.

Со оглед на осетливоста на воениот сектор, германските власти спроведуваат строги безбедносни проверки за вработените. Министерството за внатрешни работи има список на земји што се сметаат за безбедносен ризик.

На овој список се Авганистан, Кина, Виетнам, Ирак, Иран, Сирија, Русија и некои поранешни советски републики. Долгорочен престој во некоја од овие земји може да биде сериозна пречка за вработување во воената индустрија.

Германската економија во нова фаза

Овие трендови покажуваат дека Германија влегува во нова индустриска фаза, каде што традиционалната автомобилска индустрија повеќе не е главен двигател на економијата, туку приматот го презема одбранбената и воената индустрија.

Дали оваа промена ќе ја зајакне германската економија или ќе создаде нови предизвици – останува да се види во наредните години.

Зачлени се на нашиот е-билтен