Јужнокорејските власти продолжуваат со истрагата за причините за несреќата на летот 7C2216 на „Џеџу ер“, кој заврши трагично со 178 жртви. Авионот „Боинг 737-800“ слета без тркала на меѓународниот аеродром Муан, предизвикувајќи експлозија и целосно уништување на леталото.
Најмладиот патник на кобниот лет на „Боинг 787-300“ кој излета од пистата на јужнокорејскиот аеродром Муан имал само три години. Најстариот патник, пак, имал 78 години, додека останатите биле претежно средовечни патници, главно од јужнокорејска националност. Двајцата преживеани патници се од Тајланд.
Во авионот имало вкупно 181 патник и членови на екипажот.
На видеа што кружат во јавноста, се гледа како авионот се лизга по пистата без опрема за слетување, удира во оградата на аеродромот и експлодира. Иако првичните извештаи сугерираа дека удар на птица можеби е причина, експертите го доведуваат во прашање овој навод.
„Ударот на птица ретко предизвикува дефект на подвозјето“, изјави Џефри Томас, уредник на „Ерлајн њуз“. „Овој тип на несреќи обично е резултат на друга техничка или оперативна причина.“
Во авионската несреќа преживеале само четири лица, од кои двајца се членови на екипажот. Црните кутии на авионот – снимачот на податоци за летот и снимачот на гласот во пилотската кабина – се пронајдени и се очекува нивната анализа да даде клучни информации за причините за катастрофата.
Експертите, исто така, го поставуваат прашањето за реакцијата на службите за итни случаи. „При слетување без тркала, противпожарните служби обично поставуваат пена за да се минимизира ризикот од пожар. Тука тоа очигледно недостасуваше,“ истакна австралискиот консултант за авијација Тревор Џенсен.
Официјалните лица изјавија дека пилотите издале тревога веднаш по добивањето предупредување за можен удар на птица. Сепак, останува нејасно дали леталото навистина погодило птици или се соочило со друг проблем што го спречило нормалното спуштање на тркалата.
Експертите се надеваат дека анализата на собраните податоци ќе даде одговори на овие прашања и ќе помогне во идентификацијата на вистинската причина за трагедијата.