Зошто паѓа цената на нафтата и златото?

Цената на нафтата забележа пад од повеќе од 3% во четвртокот наутро, откако се зголемија очекувањата за постигнување нуклеарен договор меѓу САД и Иран, а податоците покажаа значителен пораст на резервите на сурова нафта во САД.

Фјучерсите за Брент нафтата паднаа за 3% и се тргуваат по 64,08 долари за барел, додека американската WTI (West Texas Intermediate) се намали за 3,5%, достигнувајќи 60,92 долари за барел.

Изјавата на Али Шамкани, висок советник на врховниот лидер на Иран, дадена за NBC News, дека Иран е подготвен за договор доколку се укинат санкциите, придонесе за падот на цените. Тој истакна дека Иран е подготвен да се откаже од развој на нуклеарно оружје, да го намали обемот на обогатен ураниум и да дозволи меѓународен надзор врз процесот.

Овие коментари беа дадени неколку часа по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изрази подготвеност за договор, но со услов Иран „постојано и проверливо“ да се откаже од нуклеарната програма.

Во меѓувреме, американската Агенција за енергетски информации (EIA) објави дека резервите на сурова нафта се зголемиле за 3,5 милиони барели минатата недела – многу повеќе од очекуваните 1,1 милион.

„Падот на цените на нафтата врши притисок врз енергетските компании, особено поради стравувањата од преголема понуда“, изјави Сузана Стритер од Hargreaves Lansdown. Акциите на нафтени гиганти како BP и Shell веќе паднаа за над 4%, односно 2,7% на берзата.

Пад и кај златото поради ублажување на трговските тензии

Цената на златото исто така забележа пад – фјучерсите паднаа за 1,2% на 3.150,40 долари за унца, додека цената на спот-златото изнесуваше 3.148,39 долари за унца.

Инвеститорската доверба се зголеми по најавите за трговско олеснување меѓу САД и Кина – двете земји се согласија да ги намалат царините за 90 дена, што ја намали потребата од вложување во сигурни актива како златото.

Оваа ситуација, заедно со сигналите дека Федералните резерви нема агресивно да ги намалуваат каматните стапки, придонесе за распродажба на обврзници и зголемени приноси – што негативно се одразува на цената на златото.

Фунтата зајакнува поради растот на британската економија

Британската фунта благо зајакна во однос на американскиот долар, достигнувајќи $1,3286, поради изненадувачки добрите економски податоци – британскиот БДП порасна за 0,7% во првиот квартал, што е повеќе од очекуваните 0,6%.

„Иако имаше песимизам околу буџетот, економијата се покажа многу поробустна од очекуваното“, изјави аналитичарката Дани Хјусон од AJ Bell.

Фунтата во однос на еврото остана стабилна, тргувајќи се околу €1,1858.

Зачлени се на нашиот е-билтен