Зошто папата носи црвени чевли и други прашања што сакате да ги поставите

Католичката црква избира нов поглавар по смртта на папата Франциск.

Големо внимание се посветува на тоа од кој дел од светот ќе доаѓа новиот папа.

Исто така, се шпекулира дали тој ќе продолжи по патот на папата Франциск, дејствувајќи на релативно потолерантен начин од неговите претходници и отфрлајќи го луксузот што го уживале многу папи во минатото, во корист на поскромен начин на живот.

Што точно прави папата?

Папата е духовен водач на повеќе од 1,4 милијарди католици ширум светот.

Католиците го сметаат за наследник на Свети Петар, еден од најраните поглавари на христијанската црква.

Во христијанската вера, Исус Христос е син Божји, а Свети Петар е еден од неговите 12 апостоли – или следбеници.

Католиците веруваат дека ова го поврзува папата директно со Исус, што го прави клучен извор на духовно водство.

Папата обично претседава со религиозните прослави на сите поголеми црковни празници во текот на годината во базиликата „Свети Петар“, вклучувајќи ги Божиќ и Велигден.

Тој се појавува на истиот балкон каде што бил прогласен за папа по неговиот избор за да ја пренесе пораката „Urbi Et Orbi“ (латински за „за градот и за целиот свет“), посебен папски благослов, обично даван на големи верски празници и други посебни пригоди.

Папата има мал личен персонал од калуѓерки кои го водат неговото домаќинство, готват и подготвуваат храна за него, а може да има и личен слуга или батлер.

Тој има и тим од писатели на говори.

Една од должностите на папата е да се состанува барем еднаш на секои пет години со повеќе од 5.000 епископи од целиот свет – приближно 1.000 годишно, или 20 неделно.

Денес, патувањето во странство стана дел од одговорностите на Папата.

Дали папите се женат?

Во минатото имало венчани папи – згора на тоа, Свети Петар, кој се смета за прв папа, имал жена – но во денешните околности, крајно е малку веројатно дека ќе биде избран оженет маж.

Историјата на раните папи е предмет на голема академска дебата и не е сосема јасно колкумина, како Свети Петар, биле во брак пред да станат папи.

Се верува дека папата Хормизд (514-23) бил татко на папата Силвестер, а се верува дека неговиот наследник, папата Хадријан II (867–872), ги преселил својата сопруга и ќерка во Латеранскиот дворец.

Многу историчари исто така веруваат дека Јован XVII (1003) и Климент IV (1265–68) биле во брак кога станале папи.

Има малку докази што укажуваат дека некој од 266-те папи официјално наведени од Ватикан се оженил откако станал понтиф, иако се верува дека различни папи имале незаконски врски.

Може ли оженет маж да стане папа во блиска иднина?

Тоа е малку веројатно.

Технички, секој крстен католик може да се земе предвид за оваа улога, но секој папа од Урбан VI во 1378 година (вкупно 64) доаѓа од редот на кардиналите кои го избираат папата.

Ниту еден од сегашните кардинални изборници не е оженет, а од католичките свештеници генерално се бара да бидат целибат (невенчани) кога се ракоположени.

Иако католицизмот генерално бара свештенички целибат, постојат исклучоци за венчаните лица во источниот католицизам и за некои англикански свештеници кои се преобратиле во католицизам.

Сепак, оженетите мажи, вклучително и оние со наведени исклучоци, не можат да станат кардинали.

Дали Папата има плата?

Папата Франциск наводно ја донирал својата плата во добротворни цели.

Во 2021 година, портпаролот на Ватикан се обиде еднаш засекогаш да стави крај на тие шпекулации, изјавувајќи: „Папата не прима, ниту пак некогаш примил плата“.

Франциск, исто така, отфрли некои од карактеристиките на моќта што ги претставува неговата титула, избирајќи да живее во пансионот на Ватикан, Каса Санта Марта, наместо во пораскошните папски апартмани.

Неговиот претходник, Бенедикт XVI, презеде необичен чекор да се повлече во 2013 година, наведувајќи здравствени причини.

Медиумите, вклучувајќи го и италијанскиот весник „Ла Стампа“, објавија дека подоцна добил пензија.

Колку долго служи еден папа?

Огромното мнозинство папи служат до смрт, исто како папата Франциск, кој служеше од 2013 до 2025 година.

Ниту еден друг папа не ја напуштил функцијата од Григориј XII во 1415 година, а Бенедикт XVI бил првиот што го сторил тоа доброволно од Целестин V во 1294 година.

Папата Бенедикт

Историчарите сè уште не можат да се согласат колку други папи поднеле оставка.

Како се станува папа?

Според канонското право, системот на религиозни закони што ја регулираат христијанската црква, следниве луѓе можат да бидат избрани за папа, според Catholic Online:

„Секој крстен човек, со здрав разум“.

„Иако поминаа повеќе од 500 години откако за папа беше избран некој што не е кардинал, овој историски преседан дозволува да бидат избрани и други свештеници, па дури и лаици.“

„Доколку избраниот кандидат веќе не е епископ, тој мора веднаш да биде ракоположен пред да ја преземе папската функција.“

Голем број експерти тврдат дека неофицијалниот услов е избраниот да има добар карактер.ум,

„Иако поминаа повеќе од 500 години откако за папа беше избран некој што не е кардинал, овој историски преседан дозволува да бидат избрани и други свештеници, па дури и лаици.“

„Доколку избраниот кандидат веќе не е епископ, тој мора веднаш да биде ракоположен пред да ја преземе папската функција.“

Голем број експерти тврдат дека неофицијалниот услов е избраниот да има добар карактер.

Само високи католички лидери познати како кардинали – кои мора да бидат помлади од 80 години – имаат право да гласаат за избор на папа, а изборот на нов папа се смета и за должност и за духовна одговорност.

Конклавите се одржуваат со векови, според строги правила дизајнирани да ја зачуваат тајноста и да спречат надворешно влијание.

Зошто папата носи црвени чевли?

Во католичката вера, црвената боја го симболизира мачеништвото и страдањето Христово – страдањето, апсењето, судењето и распнувањето на Исус како што е опишано во Новиот завет.

Папата Бенедикт XVI и многу други папи пред него ја почитувале традицијата на носење црвени чевли.

Сепак, како папа, Франциск одлучи да носи црни чевли – гест што набљудувачите го сметаа за симбол на неговата желба да избегне помпезност и формалност.

На нозете му беа ставени црни чевли додека неговото тело беше изложено на јавноста.

Исто така, имаше варијации на темата.

Папата Јован Павле II наводно постојано носел чевли во бордо боја.

Американското списание „Ескваер“ вели дека тој носел и „кафеави мокасини“.

Зошто Католичката црква има Папа?

За да одговориме на ова прашање, ќе употребиме цитат од Библијата, светата книга на христијаните.

Исус го преименувал апостолот Симон во Петар, што е збор што исто така значи карпа: „И јас ти велам: ти си Петар, и на оваа карпа ќе ја изградам црквата Моја, и портите на пеколот нема да ја надвладеат…“ (Евангелие според Матеј 16:18)

Како што веќе беше споменато, католиците го гледаат Папата како наследник на Свети Петар, еден од апостолите на Исус.

Затоа, Папата може да се доживее како глава и клучен дел од живата основа на Католичката црква.

Тој е централна точка за католиците и ги советува како да се справат со животните предизвици и дилеми – и големи и мали.

Исто така, им помага на помладите црковни водачи да најдат начин да ги водат своите заедници.

Верници од целиот свет патуваат во Ватикан за да го слушнат Папата како држи миса на плоштадот Свети Петар.

Неговите посети на други земји привлекуваат огромни толпи – знак за тоа колку е важен папата за католиците ширум светот.

Зачлени се на нашиот е-билтен