Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зошто САД ги замрзна сите американски програми за меѓународна помош?

Трамп со писмото што му го оставил Бајден, фото ЕПА
Трамп со писмото што му го оставил Бајден, фото ЕПА

Стејт департментот донесе одлука да ја замрзне речиси целата меѓународна развојна помош обезбедена од Вашингтон, освен клучните програми за хуманитарна помош со храна и воената поддршка за Израел и Египет.

САД, како најголем донатор во светот, издвојуваат повеќе средства за меѓународен развој од која било друга земја. Во 2023 година, оваа ставка изнесуваше околу 60 милијарди долари, што е приближно еден процент од американскиот буџет.

Наредбата, издадена од државниот секретар Марко Рубио, беше испратена до американските амбасади. Во неа експлицитно се нагласува дека програмите за храна, како оние наменети за Судан, се исклучени од оваа мерка. Оваа акција претставува имплементација на декретот потпишан од претседателот Доналд Трамп на 20 јануари.

И покрај тоа што Рубио претходно во својата кариера беше силен поддржувач на хуманитарната помош, новата наредба опфаќа широк спектар на програми, од меѓународна развојна поддршка до воена помош. Оваа одлука би можела значително да влијае врз Украина, која досега доби милијарди долари од администрацијата на претходниот претседател Џо Бајден.

Сепак, воената поддршка за Израел и Египет останува непроменета. Помошта за Израел, која значително порасна поради војната во Појасот Газа, и финансирањето за Египет, насочено кон одбраната, се изземени од замрзнувањето.

Дел од наредбата предвидува и внатрешен преглед на сите програми за меѓународна помош финансирани од САД. Овој преглед треба да биде завршен во рок од 85 дена.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја презеде функцијата на 20 јануари, потпиша указ за привремена суспензија на сите американски програми за помош на други земји на 90 дена, објавено е на веб-страницата на Белата куќа.Како што се наведува, во тој период ќе се изврши проверка за да се утврди дали оваа помош е во согласност со политичките цели на новата администрација.

„Соединетите Американски Држави во иднина нема да пружаат никаква помош на други земји што целосно не одговара на надворешната политика на претседателот на САД“, се наведува во декретот.

Исто така, се истакнува дека „американската странска помошна индустрија и бирократијата не им служат на американските интереси и во многу случаи се во спротивност со американските вредности“.

Како што пишува АП, странската помош на Соединетите Американски Држави во целина не изнесувала повеќе од еден процент од буџетот, освен во посебни случаи како што е поддршката за Украина. Стејт департментот во јануари објави дека од февруари 2022 година за воена помош на Украина се издвоени речиси 66 милијарди долари, а од 2014 година – речиси 70 милијарди.

Други земји кои добиваат американска помош се Израел (3,3 милијарди долари годишно), Египет (1,5 милијарди долари годишно) и Јордан (1,7 милијарди долари годишно). Тие земји добиваат помош како дел од долгорочни програми, па тешко дека декретот на Трамп ќе влијае врз нив, истакнува АП.

Зачлени се на нашиот е-билтен