Со почетокот на зимскиот авионски распоред 2025/26, Македонија добива 10 нови авионски линии кои ќе ги поврзат Скопје и Охрид со европски и азиски метрополи, најавува ТАВ Македонија. Новите рути ќе стартуваат од крајот на октомври, а дел од нив ќе се активираат во текот на декември и март 2026 година.
Првпат летови до Мадрид, нови рути до Базел, Бари и Стокхолм
Меѓу најочекуваните дестинации се Бари, Стокхолм и Базел, кои стартуваат на 27 октомври, а ден потоа, на 28 октомври, Скопје првпат ќе се поврзе со Мадрид, еден од најатрактивните европски градови. Истовремено, се враќа и летот до Ларнака (Кипар).
Според најавите, на 15 декември ќе започнат и летовите за Прага и за Келн, со што македонските патници ќе добијат уште поголем избор на европски дестинации за зимските патувања.
Поврзаност со Данска, Финска и Блискиот Исток
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, најави дека во тек се преговори со авиокомпании за воведување линии кон Данска, Финска и земјите од Блискиот Исток, како и за засилување на сообраќајот кон Шпанија и Обединетото Кралство.
„Нашата цел е Македонија да биде подостапна и поповрзана со целиот свет. Работиме активно за да го прошириме авиомрежувањето во насока што ќе им користи и на туристите и на бизнис патниците,“ изјави Курт.
Нови линии и на пролет: Будимпешта, Неапол, Милано и Женева
Во март 2026 година, ќе следува ново проширување на авиомрежата.
- Wizz Air ќе ја врати линијата Скопје–Будимпешта и ќе воведе нова кон Неапол.
- Охридскиот аеродром ќе добие директен лет до Милано, што е голем поттик за туристичкиот сектор во регионот.
- Женева повторно се враќа на мапата на директни летови од Македонија, преку EasyJet, кој ќе ја обнови рутата на 3 ноември.
Македонија на светската туристичка мапа
ТАВ Македонија заедно со државните институции ќе ги претстави новите рути на меѓународни туристички настани во Копенхаген, Стокхолм, Тајпеј, Сеул и Токио, во соработка со Националното здружение за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ).
Настаните ќе бидат насочени кон промоција на земјата како новa и атрактивнa туристичкa дестинацијa на Балканот, со цел да се зголеми бројот на странски посетители во текот на следната сезона.
Со овие проширувања, Македонија добива најбогата зимска авионска понуда досега, со директни линии кон клучни европски центри и нови можности за патници, туристи и дијаспората.