100 автобуси за Скопје: ветување без рок и старо дежа-ву од 2024

Фото: ЈСП Скопје

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на 3 февруари 2026 објави дека, „со одлука на Владата“, Скопје ќе добие 100 нови еколошки автобуси и 50 полначи, како дел од стратешки договор „влада со влада“ меѓу Македонија и Унгарија. Пораката беше спакувана како „нов почеток“ за јавниот превоз, со нагласок на воздухот, достоинството на услугата и тезата дека проблемот што со години ги мачи скопјани „наскоро“ ќе стане минато.

Но, во најважниот дел – кога – објавата остана празна. Нема рок за испорака, нема динамика, ниту јасен опис каде точно е проектот во процедура: дали е завршена спецификација, дали има подготвени тендерски услови и кога реално би можеле да се видат првите возила на линија. Дури и таму каде што се зборува за „почеток на набавката“, се избегнува единствената информација што граѓаните ја мерат на станица – календарот.

Ваквата неодреденост звучи уште погласно ако се спореди со најавите од ноември 2024, кога премиерот Христијан Мицкоски јавно говореше за 100 до 120 електрични автобуси „до следната летна или есенска сезона“, односно во текот на 2025, заедно со придружна инфраструктура од околу 50 полначи. Тогаш се тврдеше дека пазарот се „скенира“, дека ќе има грејс-период и отплата на рати, и дека најголемиот дел од возилата ќе бидат за Скопје.

Дополнителен сигнал дека проектот уште тогаш бил политички наратив, а не оперативна извесност, е изјавата од 28 ноември 2024 дека парите „нема да се видат“ во актуелниот буџет затоа што обврските за отплата би почнале дури во февруари–март 2028, како услов за влегување во процесот со најмалку три години грејс-период. Во таа математика, ветувањето за брз ефект и практичната временска рамка не се движат во иста линија – што објаснува зошто, и по повеќе од една година, јавноста повторно слуша „ќе добиеме“, но не и „кога“.

Во оваа фаза, бројката „100“ функционира како политички симбол, но за јавниот превоз симболите не возат. Скопје не добива услуга од најава, туку од договор со рокови, техничка спецификација, јасна распределба на одговорност (кој набавува, кој управува, кој одржува) и план за полначите што мора да бидат на терен пред да тргнат електричните возила. Сѐ додека тие точки останат во магла, наративот за „тектонски промени“ ќе остане порака за социјални мрежи, а реалноста ќе продолжи да се мери со доцнења, пренатрупаност и импровизации.

Зачлени се на нашиот е-билтен