Прекршочен платен налог и парична казна во износ од 100 евра ќе добие возачот кој при барање на полициски службеник, нема да приложи важечка возачка дозвола, предвдува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возачките дозволи со старото име на државата „Република Македонија“, нема да важат после 31.12.2024 година, па затоа Министерството за внатрешни работи (МВР) деновиве апелира истите да се заменат со нови, односно називот кој ќе стои на нив да биде „Република Северна Македонија“.
„Министерството за внатрешни работи, откако преку низа активности успеа да ги анулира сите можни затекнати проблеми со промената на личните документи и процесите да ги доведе во нормала (согласно законските норми), започна со кампања во врска со возачките дозволи со апели, известувања и информирања на граѓаните, замената да ја извршат до пролонгираниот рок 31.12.2024 година. Шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните да ги заменат своите возачки дозволи во редовниот рок без никакво доцнење и гужви“, велат за Мета.мк од МВР.