Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сентиментален кон скопскиот земјотрес, Пикасо побарал хонорарот да му биде исплатен во квалитетно македонско вино

Стојан Синадинов

Ако постои некое име што го обележува сликарскиот 20. век онака, на „прва топка“, тогаш тоа сигурно е Пабло Пикасо. Контроверзен за време на неговиот живот, комерцијализиран и по неговата смрт – впрочем, како и повеќето сликари – но не само во светот на сликарството и аукциските куќи, туку и во дизајнот на речиси секојдневна основа, Пикасо одамна е препознатлив симбол кој ги надраснал галериите и музеите. Сеприсутната инспирација од неговиот стил, од автомобилскиот дизајн до стил на ентериерно уредување, само го потврдува тоа. Затоа почитувачите на делото на Пикасо и колекционерите на овој ден се сеќаваат на големиот уметник.

Роден во Малага на 25 октомври 1881 година, неговото комплетно име во духот на андалузиската традиција гласи Pablo Diego José Francisco de Paula Juan Nepomuceno María de los Remedios, Cipriano de la Santísima Trinidad Ruiz, y  Picasso, а формалното Пабло Руиз Пикасо. Заедно со неговиот земјак и исписник Жорж Брак се основачи на кубизмот во сликарството, деконструирајќи го објектот со основните геометриски форми коцка, топка, цилиндар, пирамида… Но, клучен „алат“ на нивните слики биле коцките (англ. cubes), според кои, како што вели легендата, нивниот колега Анри Матиз на почетокот на 20. век ги именувал. И таа легенда живее до ден денешен, половина век по смртта на Пикасо (починал на 8 април 1973 во францускиот град Мужен).

Автопортрети од разни периоди

Најкраткиот преглед што историчарите на уметноста и специјалистите за неговото творештво можат да го срочат е составен од Син период, Розов период, период под влијание на африканската уметност, аналитичкиот кубизам и периодот на синтетичкиот кубизам. Но, како што обично бидува, на почетокот на секоја сликарска легенда во раѓање постои една слика која (ќе) го интернационализира неговиот успех. Таа е само почетокот на создавањето на еден посебен уметнички универзум, веројатно најпрепознатлив во историјата на ликовната уметност.

„Герника“ на Пикасо

Кај Пикасо тоа е „Герника“, создадена во 1937  година како анти-воен манифест на сликарот во време на Шпанската граѓанска војна. Сликата „Герника“, во техника масло на канвас, 3.49 метри висока и 7.76 метри широка, Пикасо ја создавал во неговиот дом во Париз, каде што живеел како и повеќето од прогресивните шпански уметници во 20-те и 30-те години од минатиот век (Салвадор Дали, Луис Буњуел, Пол Елијар, Луј Арагон…), инспириран од страдањата на жителите на баскискиот град Герника кој бил бомбардиран од страна на авијацијата на нацистичка Германија и фашистичка Италија, кои ги подржувала воените сили на фашистичкиот водач Франциско Франко.

Стилот на Пикасо живее и преку неговите наследни(ч)ки. Ќерката на Пикасо од бракот со француската сликарка Франсоа Жило (Françoise Gilot), Палома Пикасо (1949), освен што како девојче е модел на сликите на нејзиниот татко, подоцна стана модна дизајнерка и бизнисменка, најпозната по креациите на накитот за јувелирската куќа „Тифани“ и парфемите со нејзи потпис.

Скопскиот земјотрес како „виновник“ за создавањето на МСУ

Пикасо меѓу првите уметници од светот се вклучил во солидарната акција за собирање уметнички дела по скопската трагедија од земјотресот во 1963 година. Тој ја донирал неговата позната слика „Глава на жена“, која и денес е еден од најрепрезентативните артефакти од колекцијата на Музејот на современата уметност (МСУ). „Глава на жена“ е дел од периодот на творештвото на сликарот во кој спаѓа и сликата што е искористивме за насловната графика на овој текст, „Портрет на ќерка“.

„Глава на жена“ на Пикасо, колекција на МСУ

Всушност, како во максимата дека секое зло е и за добро, од скопската трагедија се родила идејата за формирање на МСУ. Големиот број на пристигнати уметнички дела, како солидарност од страна на меѓународните организации, музеи и поединци, најпрвин биле изложувани во изнајмен галериски простор. Во 1964 г. е донесена одлука за основање на Музејот на современа уметност, каде што би биле изложени сите тие вредни уметнички дела, па во 1969 г. започнала изградбата на новата музејска зграда, којашто била свечено отворена на 13 ноември 1970 година.

Токму скопскиот земјотрес е „виновник“ за уште едно уникатно дело на Пикасо. Сликарот бил длабоко трогнат од документарниот филм „Скопје 63“ на југословенскиот режисер Вељко Булаиќ, и во една прилика му го соопштил тоа на авторот. Кога Булаиќ по неколку години го реализирал неговиот најпознат партизански спектакл „Битката на Неретва“, помислил дека е лудост да побара од Пикасо да го направи постерот за филмот, кој бил номиниран за „Оскар“, за интернационална дистрибуција. Пикасо до тогаш имал изработено само еден единствен филмски постер, за „Андалузиски пес“ на Луис Буњуел и Салвадор Дали од времето на ниввата дружба во познатата париска кафеана „Ротонда“. Сепак, му се јавил на агентот на Пикасо со таква молба, и на негово чудење, но и воодушевување, Пикасо ја прифатил поканата.

Постер за филмот „Битката на Неретва“

Славниот сликар имал само два услови. Графичкото решение за постерот да биде во црвена боја и да се базира на неговата слика „Сабињанки“, и наместо хонорар во пари, да му бидат испратени 12 шишиња најквалитетни вина од тогашна Југославија. Така во тој пакет автентични вина, покрај далматинските и српските, се нашле и неколку шишиња најквалитетни македонски вина. А кога сме веќе кај постерот за „Битката за Неретва“, не може а да не се примети, барем лаички, дека тој е репрезентативна парафраза на најпознатото дело на Пикасо – „Герника“.

Кражбата на сликата „Глава на жена“ од МСУ 

Познатата слика што Пикасо му ја донирал на Скопје по неколку години станала вест на насловните страници затоа што била – украдена!

Писателот Данило Коцевски, кој не само што беше најверен хроничар на Скопје туку и „добриот дух на градот“, пред неколку години потсети на таа кражба, која се одвивала како во криминалистички филм, а многу детали од таа кражба во нашата јавност се малку познати. Во потрагата по исчезнатата слика се вмешал и Интерпол. Возбудливата и необична сторија започнува есента 1971 год., кога на насловните страници на скопските весници е објавена бомбастичната вест насловена „Украден Пикасо“.

Таа вест молскавично се прошири низ светот, а во неа буквално го пишуваше следново: „’Главата на жена’ што Пикасо му ја подари на Скопје исчезна на мистериозен начин…“. Утредента се јавува нов напис со прашањето „Од кога ја нема творбата?“, во кој се објаснува дека сликата е со димензии 73 x 55, а на нејзината опачина бил запишан датумот кога таа била завршена – на 4.1.1963 год. На Музејот во Скопје Пикасо му ја подарил Сликата 1965 год., а таа е портрет на неговата сопруга Жаклина. Исчезнувањето на сликата навистина претставуваше еден вид мистерија. За релативно кратко време, само по неколку месеци, клопчето на кражбата полека почна да се одмоткува. На 26 март 1972 год., на насловните страници на нашите весници повторно бомбастична вест: „Подарокот од Пикасо на Скопје пронајден“.

Веста молскавично се проширила низ светот, опишувајќи како сликата „Глава на жена“ што Пикасо му ја подарил на Скопје исчезнала на мистериозен начин.

Утредента се јавува нов напис со прашањето „Од кога ја нема творбата?“, во кој се објаснува дека сликата е со димензии 73 x 55, а на нејзината опачина бил запишан датумот кога таа била завршена – на 4.1.1963 год. На Музејот во Скопје Пикасо му ја подарил Сликата 1965 год., а таа е портрет на неговата сопруга Жаклина. Исчезнувањето на сликата навистина претставуваше еден вид мистерија. За релативно кратко време, само по неколку месеци, клопчето на кражбата полека почна да се одмоткува. На 26 март 1972 год., на насловните страници на нашите весници повторно бомбастична вест: „Подарокот од Пикасо на Скопје пронајден“. Овој пат веста прва ја објавила американската новинска агенција Асошиејтед прес. Во неа буквално стои: „Сликата ’Глава на жена’ од Пикасо беше пронајдена во средата на аеродромот во Франкфурт, кај петмина луѓе што ѝ припаѓаат на меѓународна група крадци на уметнички дела. Тие се Германци и Југословени… Двајца се притворени, а тројца пуштени“. Сега приказната станува уште позанимлива. Републичкиот секретаријат за внатрешни работи одржал конференција за печат, а по повод оваа конференција, „Нова Македонија“ објавува голем напис, со наслов што ја открива тајната: „Крадецот на Пикасовата слика – студент на Филозофскиот факултет“. По интервенцијата на Интерпол и службите во Скопје, Белград и Визбаден, во Франкфурт биле притворени: Ж.Б. (25), студент од Скопје, и Т.М. (26) од Лабин. Првиот бил директен учесник во кражбата, а вториот бил само посредник за препродажба на сликата во странство.

Крадецот ја сошил украдената слика во внатрешноста од својот капут. Скопскиот студент им бил стар познајник на органите на прогонот, а иницијатори за кражбата биле двајца браќа, од кои постариот бил советник, додека помладиот бил директен извршител. Тој влегол во Музејот, ја извадил сликата, а потоа, низ отворениот прозорец од застаклениот дел, ја фрлил надвор од музејот. Сликата била фрлена во тревата на западната страна од објектот, која гледа кон реката Вардар. Потоа излегол, минал покрај чуварот и ја зел сликата. Подоцна, крадецот е осуден на шест години затвор…

Оваа кражба беше инспирација и за ТВ филмот „Пикасо“ на македонскиот режисер Аљоша Симјановски од 1987 година, во продукција на МТВ. Во него играат Петар Георгиевски, Наташа Чуљковиќ, Владимир Ендровски, Снежана Стамеска, Благоја Чоревски…

Инаку, сликите на Пабло Пикасо, колку што имаат огромна вредност за колекционерите, толку се и магнет за крадците. Пред две години светските медиуми јавија дека уште една слика на Пикасо со наслов „Глава на жена“, украдена 2012 година од галерија во Атина, била пронајдена во предградието. Сликата на Пикасо била пронајдена заедно со слика на Холанѓанецот Пит Мондријан од 1905 година.

За крај на овој осврт, еве и еден линк за филмофилите на кој можат да се најдат насловите кои директно или индиректно се инспирирани од животот на Пикасо.

Зачлени се на нашиот е-билтен