Во повисоките делови од Скопје – Пржино и Водно – чешмите секојдневно пресушуваат по пладне, а водата се враќа дури во доцните ноќни часови. Граѓаните сведочат за прекини од 10 до 13 часа, иако ЈП „Водовод и канализација“ инсистира дека „рестрикции нема“.
„Се капеме по полноќ, децата тргнуваат во градинка без да можат да се измијат. Срамота е ова да се случува во главниот град,“ вели Славица С., жителка на Пржино.
Од претпријатието признаваат дека системот е под притисок: екстремни горештини, енормно зголемена потрошувачка и „недисциплина“ – перење автомобили, наводнување бавчи, фонтани во дворови. Но, проблемот не го чувствуваат сите еднакво: центарот и рамничарските населби имаат вода, а нивната потрошувачка дополнително го празни резервоарот што ги снабдува повисоките коти.
СДСМ ја обвини Владата за „колапс на системот“, нарекувајќи го недозволиво во 21 век да нема основна услуга како водата. ВМРО‑ДПМНЕ возвраќа дека претпријатието е под градска капа „со години недофинансирано и без сериозна реконструкција на мрежата“.