„Шокантен идиотизам“ – Трамп ја критикуваше Британија

Американскиот претседател одлуката за архипелагот Чагос ја нарече „голем идиотизам“ и предупреди на закани од Кина и Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја критикуваше Велика Британија во нова објава на својата социјална мрежа Truth Social, повторно поврзувајќи ја темата со неговата идеја за преземање на Гренланд.

Трамп реагираше на одлуката на Лондон да го предаде суверенитетот над архипелагот Чагос на Маврициус, кој го вклучува и островот Диего Гарсија, каде се наоѓа важна британско-американска воена база. Одлуката ја нарече „шокантен голем идиотизам“ и предупреди дека станува збор за чин на слабост кој, според него, сигурно е забележан од Кина и Русија.

Според Трамп, ваквите потези се „уште една од долгата низа причини“ поради кои САД мора да го преземат Гренланд, истакнувајќи дека глобалните сили „препознаваат само сила“.

Архипелагот Чагос има значајна геостратешка улога, а базата во Диего Гарсија со децении се користи во американските воени операции. Велика Британија планира да го пренесе суверенитетот на Маврициус, додека базата ќе остане под заедничка британско-американска контрола најмалку 99 години.

Одлуката предизвика поделени реакции, а иднината на островите останува чувствително геополитичко прашање.

Зачлени се на нашиот е-билтен