200 волонтери на Боренка засадија околу 5000 садници на Светскиот ден на почвите и волонтерите

Иако утрото почна со дожд и студено време, денес низ целата земја имаше една посебна, упорна волонтерска енергија. 5 декември – Светскиот ден на волонтерите и Светскиот ден на почвите – е датум кој потсетува дека грижата за земјата и заедницата почнува од нас самите. Токму затоа, тимовите на БОРЕНКА и оваа година излегоа на терен без двоумење, претворајќи го овој ден во симболична завршница на есенската сезона: да се работи за почвите токму на денот посветен на нив, и да се волонтира токму кога е најтешко – под дожд.

По осум успешно реализирани есенски акции, националната волонтерска акција БОPЕНКА ја привршува сезоната со голема завршна акција токму на 5 декември – Светскиот ден на волонтерите.


И оваа година, преку заедничката работа на Сојузот на извидници на Македонија, стотици волонтери и стручните екипи на ЈП Национални шуми продолжија со обновување на опожарените и деградирани шумски површини низ земјата.

Во текот на есента 2025, на девет различни акции низ државата беа засадени приближно 40.000 садници, или околу 5.000 садници по акција, резултат кој уште еднаш ја потврдува силата на волонтерството и одличната координација со Национални шуми.

Завршната, деветта акција за оваа сезона се реализираше денес, на 5ти декември, во близина на Демир Капија на локацијата Гоцева Шума. На терен се приклучија над 200 млади волонтери извидници, кои заедно со екипите на Национални шуми го одбележаа Светскиот ден на волонтерите преку дело – создавање нов живот таму каде што најмногу е потребно.

На акцијата во организација волонтерите беа придружени од Заменик Министерката на Министерство за животна средина и просторно планирање , Генералниот Директор на ЈП Национални Шуми, Градоначалничките на Општина Неготино и Општина Демир Капија, ЈП Национални Шуми – Демир Капија како и припадниците на АРМ од ВП Криволак и ВП Велес.
Самата акција беше исполнета со убава волонтерска енергија благодарение на младите извидници од Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

БОPЕНКА е силен пример за силна соработка меѓу институции и граѓани.
Со поддршка од институциите, со техничката и стручна логистика на Национални шуми, и со посветеноста на извидниците и младите волонтери, Боренка останува еден од најуспешните модели на долгорочно пошумување, еколошко образование и градење позитивни навики кај младите.

Ова пошумување е спроведено од страна на Национални шуми, а поддржано преку соработката со проектот GEF6 – Одржливо управување со земјиштето – проект на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и Програмата за животна средина на Обединетите Нации – UN Environment Programme (UNEP).

На Светскиот ден на волонтерите, ја завршуваме сезоната со силна порака:
кога сите работиме заедно – природата секогаш победува.

Зачлени се на нашиот е-билтен